• среда, 13 ноември 2024

Музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес со завршен настан за Еразмус плус проектот „Музика во Инклузија“

Музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес со завршен настан за Еразмус плус проектот „Музика во Инклузија“

Велес, 29 февруари 2024 (МИА) - Ученици, родители, двајца наставници од ООМУ „Стефан Гајдов“, како и специјален едукатор од ОУ со Ресурсен центар  „Маца Овчарова“ од Велес од 22 до 26 февруари  беа организатори и учесници на петдневната мобилност во рамки на Еразмус плус проектот „Музика во инклузија“, на која домаќин беше невладината организација „Топофон“ од Тулуз, Франција. 

Како што информира за МИА Илија Настовски од велешкото музичко училиште, проектот е   финансиран од ЕУ преку Еразмус + програмата за размена на ученици и искуства и развој на стручното образование. Тој воедно го изработи  и координира проектот, а има за цел да постави нови димензии во музичкото образование со воведување на модел на инклузија во музичките училишта,  кој досега во светот никаде не бил застапен.

Настовски појасни дека на оваа мобилност учениците имале часови по инструмент, колективно свирење и часови по музикотерапија, а не биле  изоставени и активности како посета на големиот музеј на техника и механика и разгледување на стариот дел на градот кој ја отсликува европската култура и уметност. 

- На последниот ден во Тулуз, Франција се одржа  и концерт на кој соло настапија сите  ученици вклучени во проектот од Велес, од  италијанскиот град Асколи Пичено и од францускиот Тулуз. Воедно,  на воодушевување на бројната публика на крајот на концертот беше и  настапот на камерниот музички состав „ИНКЛУЗИЈА“ составен од сите деца-учесници во проектот од трите земји, појасни Настовски.

Информира  дека  експертизата која го донесе овој модел подлежела на претходно тестирање со група ученици, разгледување на трудови од областа на инклузијата и споделување на методско - дидактички практики. По овој период од една година, бил даден модел кој може да  се  имплементира во интернационални рамки, без да се менуваат постоечките програми во музичките училишта.

Дел од проектот беа  три мобилности од кои првата беше во градот Асколи Пичено во  Италија, втората во Велес и третата во Тулуз, Франција.

- Токму на оваа последна мобилност во Тулуз, Франција  беше ставен темелот на новиот модел на инклузија во процесот на образование во музичките училишта во европски рамки, потпирајќи се на националните програми и стандарди во секоја земја, потенцира Настовски. ад/ар/
Фото: МИА

Остани поврзан