• среда, 04 февруари 2026

Музичкото училиште во Струга одбележува 20 години од формирањето

Музичкото училиште во Струга одбележува 20 години од формирањето

Струга, 22 јануари 2026 (МИА) - Под мотото „20 години - Заедничко патување кон нови хоризонти“ струшкото музичко училиште, подрачно на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ почна со одбележување на јубилејот 20 години од  основањето.

Јубилејот, според раководителот на дисперзираните паралелки во Струга, Димитри Кумбароским е повеќе од бројка, тој е повод за ретроспектива, уважување на сегашноста и поглед кон иднината што ја градат.

- Идејата за основање на училиштето произлезе од визијата и посветеноста на група професионални музички дејци од Струга, меѓу кои особено значајна улога имаше професорот на Државниот универзитет во Тетово, Сељами Колоња. Таа идеја беше реализирана во соработка со тогашнитте министер за образование и наука, Азис Положани, градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко со Советот на општината и директор на училиштето, Ивица Зориќ, кои ги поставија темелите на една препознатлива образовна и културна приказна што и денес инспирира, вели Кумбароски.

Низ годините, нагласи тој, училиштето се развивало и созревало благодарение на посветеноста и ангажманот на наставниот кадар и раководителите, со институционална поддршка на директорите на централното училиште во Тетово.

- Со нивната заедничка работа, училиштето прерасна во препознатлив регионален центар, без кој денес не може да се замисли културно-уметничкиот живот во поширокиот регион и во државата, вели Кумбароски.

Најголемата гордост на училиштето, според раководителот, се неговите ученици, генерации млади луѓе, кои преку музиката ги обликувале своите личности и професионални кариери. 

- Особено сме горди на оние кои своето музичко образование го продолжија на музичките факултети во земјава, како и на реномирани меѓународни институции, меѓу кои Државен универзитет во Виена, Berklee College of Music, Универзитет за музика во Хановер, како и музичките универзитети во Тирана, Белград, Софија, Љубљана и на многу други места, истакна Кумбароски. сс/са/

Фото: Државно музичко училиште Струга

 

Остани поврзан