• четврток, 26 декември 2024

МТФ „Војдан Чернодрински“: 11 претстави во конкуренција, награди за животно дело за Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов

МТФ „Војдан Чернодрински“: 11 претстави во конкуренција, награди за животно дело за Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов

Прилеп, 10 мај 2024 (МИА) - Претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар од Скопје ќе го отвори 58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. Добитници на наградата за животно дело се актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов. Наградата ќе им биде врачена на отворањето на Фестивалот, соопшти денеска на прес-конференција уметничката директорка Ана Стојаноска.

Единаесет претстави на професионалните македонски театри се во официјалната конкуренција и уште седум во придружниот дел од програмата.

Покрај претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар, во конкуренцијата се и „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, на народниот театар „Војдан Чернодрински“ од  Прилеп, „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, во продукција на Албански театар од Скопје, „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, на Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, а во продукција на ЦК „Антон Панов“ од Струмица.

Исто така, во конкуренција се и „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, на Ц.К. „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ од Велес, „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Македонскиот народен театар, „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, на Турски театар од Скопје, „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани на народниот театар од Битола, „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија и претставата „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Театар за деца и младинци од Скопје.

Годинава, автор во фокусот е Горан Стефановски и еден фестивалски ден ќе му биде комплетно посветен на големиот македонски драмски писател.

-И годинава сакаме Прилеп да биде град-театар, ќе има уште фестивалски зони што ќе ги откриваме постепено. За селекцијата, одгледав 50-тина претстави. Видов многу убави претстави, но голем дел се камерни, за помала сцена. Сме направиле некој исчекор за домашниот драмски автор, рече уметничката директорка Ана Стојаноска.

И годинава тричленото жири е меѓународно и е во состав на д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.

Фестивалот нуди богата придружна програма во која се и 7 претстави, ќе има промоции и секојдневно разговори на тркалезната маса за одгледаните претстави. Ќе бидат одржани пет работилници.

Годинава МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува под мотото „Промени се, промени сѐ“.ем/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан