• среда, 25 декември 2024

МТСП ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите

МТСП ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите

Скопје, 16 август 2023 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика денеска ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд во врска со прашањето за линеарно зголемување на платите, кое е едно од барањата на пензионерите, и врз основа на добиеното мислење во работната група што ќе се формира, ќе бидат донесени конкретни одлуки и политики, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

-Уставниот суд веќе има донесено одлука во 1997 година, во времето, кога беше премиер Бранко Црвенковски за неуставност на линеарно зголемување на пензиите. Во одлуката на Судот од 1995 година, се посочува, додава таа, дека сите права од пензиско и инвалидско осигурување треба да бидат во согласност со должината на работниот стаж и она коешто секој работник во времето на работниот век го придонесува во Пензискиот фонд, рече Тренчевска по посетата на Центарот за дневен престој на стари лица во општината Чаир.

Тоа што го правиме за пензионерите и за највозрасната категорија граѓани, односно за лицата над 65 годишна возраст се воспоставувањето на социјалните услуги. Во 44 општини имаме воспоставено

Прашана во однос на тоа дека од 1997 досега многу пати било исплатено линеарно покачување на пензиите, министерката појасни дека оваа Влада има исплатено лиенарно покачување, но врз тогаш постоечка законска основа. 

-Линеарно покачување, последното е со одлука на Влада во 2019 година повикувајќи се на третиот основ за покачување на пензиите што постоеше тогаш во законот. Тоа беше доколку БДП е поголем од 5 проценти. И затоа е донесена одлука. Мислам дека беше 720 денари линеарно покачување. Во моментов нема таков основ во Законот. Тоа не е линеарно усогласување, туку е покачување на пензиите. Одлуката беше 5 проценти од сумата на пари за исплата на јануарската пензија во 2019 или во 2020 година, таа сума на пари да се распореди на сите пензионери и затоа произлезе за секој пензионер да треба да биде 720 денари, вели Тренчевска.  

Во 2014, 2015, и 2016 година кога се носеа одлуките за 600 денари покачување на пензиите, посочи таа, тие беа ставени вон сила, она што денеска го имаме во законската регулатива.

- И затоа реков дека е невозможно и неуставно, затоа што и во одлуката која што ја спомнав од 95 година Уставниот суд се повикува токму на она што секој еден граѓанин, работник го има вложено во системот преку годините поминати на работа. Ние денес ќе доставиме барање за мислење до Уставниот суд и зависно дали во моментот е уставно или не е линеарното покачување и ова што го бараат пензионерите врз основа на мислењето на Уставниот суд, ќе го разгледаме во работната група што ќе ја формираме и ќе донесеме конкретни одлуки и политики, рече Тренчевска. 

Во однос на можноста за зголемување на старосната граница за одење во пензија, засега вели не се разговара за зголемување на старосната граница за пензионирање, затоа што, како што посочи, се фокусирани на политики коишто значат повеќе пари кај пензионерите, поголеми пензии и политики коишто во услови на економска, енергетска криза ќе значат и дополнителен приход преку социјални мерки. вг/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан