• четврток, 26 декември 2024

МТСП: Се препорачува ослободување од работа на најранливите категории население

МТСП: Се препорачува ослободување од работа на најранливите категории население

Скопје, 18 август 2022 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

Општите мерки кои треба да се почитуваат, поради портокалова фаза денеска и утре во целата држава, како што препорачуват од МТСП се ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се - бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

-Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот, се наведува во соопштението од МТСП.

Оттаму потсетуваат дека согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.

-Се препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Оваа мерка да биде со времетраење од два дена, до натамошно одлучување. Работното време во градинките да се организира во периодот од 7:00 до 17:00 часот, при што да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници, велат од МТСП.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд. дма/са/

Остани поврзан