• петок, 27 декември 2024

МСМЈЛК при УКИМ: По одлука на научна комисија гарантирана заштитата и самостојноста на македонистиката во Франција

МСМЈЛК при УКИМ: По одлука на научна комисија гарантирана заштитата и самостојноста на македонистиката во Франција
Скопје, 3 јули 2022 По одлука на научна комисија, гарантирана е заштитата и самостојноста на македонистиката како научна дисциплина во Франција. Во изминатиот период се остварени значајни постигнувања во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз. Сега се отвораат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура – вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција е исклучително голем успех. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ја поздравува одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект за картографирање на ретките дисциплини во Франција и Германија. Со ова, на реномираниот ИНАЛКО во Париз, македонистиката доби статус со којшто не само што е гарантирана нејзината заштита и зачувување, туку е гарантирана и нејзината самостојност – со неможност да се спои со други студии. Значајно е и што ваквиот статус подразбира и можно проширување на студиите по македонистика, со обезбедена финансиска помош. МСМЈЛК при УКИМ, како и досега, постојано, и преку лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО ќе го остварува својот максимум за изучувањето на македонистиката и за вложување во нејзините натамошни перспективи. „Во период кога веќе ги планираме активностите за одбележување половина век изучување на македонистиката на ИНАЛКО во текот на следната година, од Париз пристигна оваа значајна вест, којашто радува, но и обврзува на уште поинтензивни натамошни активности. На ИНАЛКО, македонистиката се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Веќе неколку години функционира и одделна професорска катедра за македонистички студии – првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја. Но, вклучувањето на македонистиката во олку важен проект и добивањето статус којшто дава гаранции и за нејзината иднина на ИНАЛКО е посебен успех – уште еден показател и на поддршката којашто македонистиката ја добива на оваа врвна образовна и научна институција во Франција.“ – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по повод веста којашто пристигна од Париз. Мојсова-Чепишевска упатува и благодарност. „Од името на МСМЈЛК при УКИМ, одделно упатувам голема благодарност и изразувам голема почит до проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро од ИНАЛКО, којашто ја покрена и се залагаше за прифаќање на иницијативата македонистиката да биде препознаена како ретка дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување и да биде вклучена во овој голем проект со одлука на научна комисија. Но и не само за тоа, туку и за сите нејзини загалагања години наназад, со коишто се остварија низата успеси за македонистиката на ИНАЛКО, како и за севкупната поддршка за лекторатот по македонски јазик во остварувањето на неговата мисија. Соработката со проф. д-р Пејоска-Бушро и нејзините залагања се еден од примерите коишто покажуваат дека содејството со поддржувачите и посветениците на македонистиката коишто се дел од академската средина на големите образовни и научни центри ширум Европа и светот е гаранцијата за перспективите на македонистиката на меѓународен план.“ – нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ. Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО работи од 1973 година, а во моментот лекторската настава ја изведува м-р Ѓоко Здравески. Од париската Катедра за македонистика, МСМЈЛК при УКИМ очекува и тројца учесници на претстојната 55. Летна школа што ќе се одржи од 17 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Според информациите коишто доаѓаат од Париз, проектот којшто има картографирање на ретките научни дисциплини се очекува да се прошири во сите европски земји, со што можностите за зајакнување и афирмација на македонистиката на образовните и научни центри ширум Европа преку овој проект ќе бидат и поголеми. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан