• сабота, 23 ноември 2024

МП: Законот за даночните поттикнувања за донации и спонзорства во активностите од јавен интерес на ЕНЕР

МП: Законот за даночните поттикнувања за донации и спонзорства во активностите од јавен интерес на ЕНЕР

Скопје, 15 јануари 2024 (МИА) - Законот за даночните поттикнувања за донации и спонзорства во активностите од јавен интерес е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), информираат од Министерството за правда.

Целта на законот, како што велет од Министерството за правда, е поттикнување на донирањето заради остварување, унапредување, промоција и поддршка на активностите од поширок јавен интерес. Сите заинтересирани и засегнати страни во наредниот период имаат можност да го разгедаат законот и да дадат свои коментари, предлози или сугестии.

Од Министерството за правда посочуваат дека законското решение што се предлага би придонело за  охрабрување на работата на граѓанските организации преку дополнителен метод за финансирање и исполнување на утврдените мисии, за поттикнување на донаторите со стимулирање на локалната филантропија, за зајакнување на филантропијата преку даночни поттикнувања за стимулација на потенцијалните даватели за поддршка на јавно корисна иницијатива, за спречување/минимизирање на можноста за измама, како и зголемување на транспарентноста и одговорноста на примателите на донации, за промовирање ефикасно користење на расположливите ресурси, воедно и за значително намалување на административниот товар на институциите, ефикасност на администрацијата и користење на електронски системи.  

-Со предложените решенија се уредуваат давањето и примањето на донациите и спонзорствата за коишто давателот и примателот можат да бараат даночни поттикнувања, целта на давањето и примањето, давателите и примателите, предметот, користењето и видовите даночните поттикнувања и евидентирањето и контролата на донациите и спонзорствата во активностите од јавен интерес. Овој закон не се применува врз донациите и спонзорствата за кои давателот или примателот не бараат даночни поттикнувања, се наведува во соопштението.

Овој предлог, како што посочуваат од Министерството за правда, се темели на клучната експертиза, низа континуирани консултации со корисниците на законот (институции, непрофитен сектор, бизнис заедница, индивидуални донатори) во период од повеќе од 10 години. дма/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан