• недела, 24 ноември 2024

МПЦ-ОА: Документот на СПЦ, препорака за автокефалност, надеж за скоро издавање томос од вселенскиот патријарх

МПЦ-ОА: Документот на СПЦ, препорака за автокефалност, надеж за скоро издавање томос од вселенскиот патријарх
Скопје, 6 јуни 2022 (МИА) - Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска излезе со соопштение во кое изразува благодарност до Српската православна црква, поради заокружување на процесот на помирување, со вчерашното издавање официјален документ, кој како што наведува е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност. - Македонската православна црква – Охридска архиепископија Му благодари на Милостивиот Бог, а воедно и на сестринската Српска православна црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата Христова црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност, се наведува во соопштението објавено од кабинетот на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Од кабинетот известуваат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ. - Известуваме дека во наредниот период при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во иднина, односно кога за тоа ќе биде одлучено, да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање општопризнат томос од страна на Неговата Сесветост, вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности, се нагласува во соопштението. ац/сп/

Остани поврзан