• среда, 25 декември 2024

Мојсовски: АМС дава безрезервна поддршка за поголема застапеност на македонскиот спорт во медиумите

Мојсовски: АМС дава безрезервна поддршка за поголема застапеност на македонскиот спорт во медиумите

Скопје, 11 април 2023 (МИА) – Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски на денешната конференција за „Промоција на македонскиот спорт во медиумите“, изрази целосна подготвеност и поддршка на иницијативата за повеќе домашен спорт во медиумите.

 

- Сите треба да делуваме како еден за да се изроди нешто поголемо, заеднички да го вивнеме спортот каде што му е местото. Потребно е да се зголеми количеството македонски спорт во нашите медиуми.  Македонските спортисти имаат што да им понудат на гледачите. Овде сме да покажеме дека даваме поддршка да го издигнеме спортот на едно повисоко ниво. Поголемата промоција на македонскиот спорт во медиумите е заедничка цел на сите нас, на спортистите, медиумите, спортските работници, институциите кои се грижат за спортот, истакна во својот говор Мојсовски.

 

Дводневната конференција за промоција на македонскиот спорт во медиумите е во рамките на проектот „Биди активен“ финансиран од Европската комисија и имплементиран од Агенцијата за млади и спорт.

 

Уредникот на спортската редакција на МРТ, Драган Николовски, ги кажа предизвиците со кои се соочуваат спортските новинари, особено т.н. традиционални медиуми.

 

- Стагнацијата на класичните медиуми почна пред дваесетина години. И покрај сите проблеми со кои се соочуваме, во последната деценија Македонската телевизија е главен промотор и подржувач на македонскиот спорт. Главен предизвик за поголема застапеност на македонскиот спорт се финансиите поради кои целосно исчезнаа спортски емисии, посочи Николовски.

 

За состојбите во спортските редакции во традиционалните медиуми зборуваа и други колеги, а заедничко во сите говори беше потребата, државата, односно Агенцијата за млади и спорт да помогне со цел подобрена финансиска, техничка и кадровска екипираност, а со тоа создавање предуслови за поголема покриеност на македонскиот спорт во медиумите. зс/

Остани поврзан