• петок, 27 декември 2024

Мојсова-Чепишевска: Македонскиот збор уште посилно да одекне низ светот

Мојсова-Чепишевска: Македонскиот збор уште посилно да одекне низ светот

Скопје, 31 декември 2022 (МИА) – Дали направивме доволно оваа година, најверојатно ќе покаже времето пред нас, но знаеме дека го сторивме сето она што можевме не само за да се раскажува и покажува нашата приказна, туку и за да се случи нејзино следно поглавје. За тоа поглавје ќе работиме и во 2023 година. Силна е желбата повторно да се отвори Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, но и барем да започнат одредени активности за лекторати и на други универзитетски центри во странски културни средини во кои има интерес за македонскиот збор и македонската мисла.

Тоа го истакнува директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска,  во обраќање по повод крајот на 2022 и почетокот на Новата 2023 година.

– Во 2023. ќе се одржи и јубилејната 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ. Научна конференција со најдолга традиција во нашата држава, а воедно и научна конференција за јазик, национална литература и култура со најдолга традиција во регионот! И тоа во годината кога ќе се навршат 100 години од раѓањето на знаменитиот поет на нашата приказна, Ацо Шопов, заради што и Научната конференција ќе биде и во чест на неговото дело. Исто како и Третата зимска школа и 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, коишто ќе ги организираме во 2023 година. Токму со Зимската школа, за која веќе има голем интерес кај странските македонисти и слависти, чествувањето и новото навраќање кон делото на Шопов ќе го започнеме уште кон крајот на јануари, со посакување годината да ја завршиме и со преводи од неговото творештво на повеќе странски јазици преку кои македонската поетска реч уште еднаш ќе одекне низ светот, вели Мојсова-Чепишевска.

Но, во годината што е пред нас, посочува таа, ќе се случат и други јубилеи значајни за странската македонистика, меѓу нив и половина век македонски јазик, литература и култура на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, и тоа откако во 2022 година, македонистиката доби статус на ретка научна дисциплина во Франција, со што се гарантира нејзината заштита и самостојност.

– Ама и 35 години македонистика на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска, и исто толку години на унгарскиот универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта и 15 години на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека, кој заедно со Филозофскиот факултет во Загреб е еден од центрите на македонистиката во Хрватска. Ама сето остварено досега и сето она што го планираме и посакуваме да се оствари и „шчо требит да праиме за однапред“ не би било остварилово без влогот на странските македонисти и слависти кои се најважните раскажувачи на македонската приказна во светот. Затоа, и во овие празнични мигови, должни сме да им упатиме благодарност, посочува Мојсова-Чепишевска.

Таа потенцира дека во годината што ја оставаме зад нас на МСМЈЛК при УКИМ и се случила јубилејната, 55. Летна школа, со околу 60 учесници од 17 држави, а меѓу нив, покрај универзитетските професори и значајни истражувачи од славистичкиот свет и истакнатите книжевни преведувачи беа и нови, млади посветеници на македонистиката.

– Тие се една од гаранциите дека во годините пред нас, македонската приказна уште повеќе ќе се раскажува низ светот. А за да им овозможиме да ја раскажуваат снажно и автентично и мошне важно, за приказната да е втемелена во знаење, како што нè учеше и Горан Стефановски, објавивме и нови изданија на учебниците за македонски јазик, литература и култура за странци, подготвени според меѓународните стандарди, како и прв аудио-учебник – за да може не само да се прочита, туку и да се чуе и разбере македонскиот збор.

Во оваа 2022 година, кога Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура одбележала и 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана и кога меѓу другото се успеа македонскиот јазик да можат да го изучуваат и сите студенти на Истанбулскиот универзитет каде македонистиката се изучува непрекинато 36 години, ни се случија и бројни книжевни преводи од македонски јазик со влог на некогашни и сегашни студенти од нашите лекторати низ светот и учесници на нашите школи, но и бројни нови научни трудови и монографски публикации од странски македонисти.

– Колкава е моќта на научната вистина за македонистиката се потврди и на Втората зимска школа што ја организиравме на далечина и на 49. Меѓународна научна конференција посветена ма македонскиот јазик, литература и култура. Но, и секојдневно се потврдува во наставата и научната работа на над 20 странски универзитетски центри во светот на кои се изучува македонистиката, од кои во повеќе од 10 има и лекторати по македонски јазик. Токму од оваа 2022 година, бројот на универзитетски центри и лекторати е и поголем. Се отвори и Катедра за македонски јазик и Лекторат по македонски јазик на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет во Турција. Веќе се направија и последните подготовки и за отпочнување настава и учење на македонскиот јазик на престижниот Факултет за странски јазици на Универзитетот во Пекинг. Со Лекторат по македонски јазик, македонската приказна ќе се раскажува и во Кина. Но, не запираме тука – оствареното ни дава верба, надеж и сили и натаму да препознаваме каде сѐ има интерес да се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура и да се заложиме македонската приказна да почне да се раскажува и на други универзитетски центри во светот, се вели во писменото обраќање на Мојсова-Чепишевска.

За поддржување на активностите и заложбите на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска упатува благодарност до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и до ректорската управа, затоа што, како што вели, ако зад секоја иницијатива и активност на МСМЈЛК при УКИМ не стои и Универзитетот, нашата мисија не би можела да се остварува или барем не онака како што ја остваруваме.

– Благодарни сме и на институциите што ја препознаваат нашата мисија и ни овозможија поддршка во 2022 година, кога ни беше потребна, пред сѐ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и на Институтот за македонска литертура. Но, и на Министерството за култура и на Министерството за образование и наука, кои овозможија финансиска поддршка за дел од активностите кои ги остваривме во годинава што останува зад нас. Искрено, се надеваме дека во 2023 година, поддршката може и треба да е и посилна и поголема, затоа што афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ светот мора да е наш државен приоритет за кој секој ќе го даде својот влог, посочува таа.

Мојсова-Чепишевска посакува во следните 365 дена, на сите да им се исполнат желбите коишто силно и искрено ги посакуваме. Меѓу нив, и нашата заедничка желба, која чинам е најсилна – во годината што е пред нас, заедно со странските македонисти и слависти и со странските универзитетски и научни центри да започнеме уште едно ново, моќно поглавје од нашата приказна со кое македонскиот збор уште посилно ќе одекне низ светот, вели во обраќањето директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.фф/лв/

Остани поврзан