• петок, 27 декември 2024

Мојсова-Чепишевска: Исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи – да не заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски!

Мојсова-Чепишевска: Исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи – да не заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски!

Скопје, 11 септември 2024

Исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи. Зашто на тој начин нема да заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски! Ова го порача проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска на свеченоста на којашто од Културно-едукативниот центар „Небрегово“ ѝ беше доделено признанието „Зборот на Конески“ за 2024 година, во спомен-домот „Блаже Конески“.

- Од 2021 година па наваму, кога ќе ја употребам синтагмата „Конески како тестамент“, не еднаш следи прашањето: Зошто Конески како тестамент?, Што пишува во тестаментот на Конески? Некои дури и негодуваа на поврзувањето на Конески со самиот термин „тестамент“. Зашто тој немал напишано или барем не знаеме дека напишал тестамент во кој го „распределува“ наследството. На тоа секако следи мојата реакција со зачуденост дали од „патријархот на македонското слово“, како што го нарече грчкиот поет Костас Валетас, од човекот со тестаментално дело за севкупната македонска култура треба да се очекува својот тестамент да го запише во некаков правен акт, а не во своите поетски, есеитички и научни текстови. Одговорот го почнувам со прашање: Нели последните напишани и/или објавени текстови на културните дејци се со тестаментални пораки? Книжевната и културната историја нè учат дека е така, посочи Мојсова-Чепишевска.

Како што нагласи, оттука, неминовно е тестаменталните пораки на Конески да ги побараме и во неговиот текст објавен последен во текот на неговиот физички живот – „Пишувањето на „мал“ јазик“.

„Повеќе од половина век јас пишувам песни на јазик на еден народ што го сочинуваат околу два милиона луѓе. Да биде мојата позиција уште поранлива, јазикот на којшто пишувам, македонскиот, е кодификуван допрва во 1945 година и јас лично сум зел извесен удел во тој чин, за потоа пак во текот на неколку децении да му се посветам како славист на изучувањето на историјата и современата состојба на својот мајчин јазик. Но не треба да го скријам ни тоа дека за сето тоа време на мојата литературна и научна дејност од некои центри на моќ на Балканот ни се оспорува правото да пишуваме на свој јазик и да се сметаме за современа народна заедница. Дали не се работи тогаш за една неразбирлива и безрасудна тврдоглавост од наша страна?“ – вели Конески уште во почетокот на овој текст.

- И еве, во 2024 година, кога со возбуда го примам признанието ЗБОРОТ НА КОНЕСКИ на КЕЦ „Небрегово“, чувствувам потреба уште еднаш да кажам зошто исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи. Зашто на тој начин нема да заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски! Овој негов аманет, во годините наназад и мене ме натера што повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени сегменти од неговиот опус. Затоа во последново време се навраќам и на оние стихови на Конески коишто зборуваат за обичните животни наслади. Не затоа што немам што друго да кажам за „Везилка“ или за „Тешкото“, за „Ракување“ или за „Илинденски мелодии“, туку затоа што сега ме интересира тој, интимен Конески и потребата со нови исчитувања да „гребеме“ по неговото творештво, за да дојдеме како што вели тој во песната „Планина“ – до последниот слој на душата. Оти постојано во мене е присутно прашањето колку го познаваме Конески токму до таму, до дното на неговата душа. Обидувајќи се да дојдеме до последниот слој на неговата душа, ние треба да дојдеме до последниот слој и на сопствената душа. До последниот, суштински слој и на македонската душа... Ако можеме тоа да го постигнеме... Затоа што и врежаното во таа душа е на македонски јазик. Затоа што врежаното е токму зборот на Конески, истакна Мојсова-Чепишевска.

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан