• четврток, 26 декември 2024

МОФ и „Млад знак“ повикаа на подигнување на свеста за знаковниот јазик

МОФ и „Млад знак“ повикаа на подигнување на свеста за знаковниот јазик

Скопје, 23 септември 2024 (МИА) - Знаковниот јазик не е само алатка за комуникација, туку и средство за остварување на правата и достапноста на информации за лицата со оштетен слух. Неопходно е подигнување на свеста за важноста на овој јазик, порачаа Младинскиот образовен форум и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ кои под слоганот „Слушни ме“ денеска го одбележаа Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат, МОФ и „Млад знак“ денеска овозможија пет члена од глувата заедница да се качат на сцената на Младинскиот културен центар и да ги раскажат своите приказни, достигнувања и предизвиците со кои се соочиле низ животот. 

- Колективно повикаа на подигнување на свеста за важноста на знаковниот јазик и неговото место во општеството, истакнувајќи дека знаковниот јазик не е само алатка за комуникација, туку и средство за остварување на правата и достапноста на информации за лицата со оштетен слух, пренесуваат од МОФ.

Оттаму дополнуваат дека во моментот има толкувачи по знаковен јазик кои не можат да работат како образовни асистенти бидејќи немаат високо образование, иако можат да обезбедат посоодветна поддршка за децата. Важно е да се разбере дека секое глуво дете не перцепира информации на ист начин, и треба образованието да се прилагоди според индивидуалните потреби.

- Потребно е да се воведуваат практични решенија, кои ќе бидат соодветни на потребите на глувите и наглуви лица, а истовремено лесно применливи од страна на институциите и останатите даватели на услуги. На пример, во некои држави постојат системи преку кои можеш директно да поднесеш барање за знаковен толкувач, што може да послужи како пример за развој на слични системи во нашата земја, дополнуваат од МОФ.

На настанот се обратиле Мартин Ангелов – сопственик на приватен бизнис во Битола, Христина Божиновска Ѓикова – дефектолог во ДУЦОР „Партенија Зографски“, Скопје, Лазена Ордева од Свети Николе, Дурак Демиров, ученик во ДУЦОР „Партенија Зографски“, и Соња Кимова Делевска – толкувач на знаковен јазик и дете на глувонеми родители (CODA).ар/вј/
Фото: МОФ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан