• среда, 25 декември 2024

Мотивот за нападот во училиштето во Финска бил злоставување на осомничениот ученик

Мотивот за нападот во училиштето во Финска бил злоставување на осомничениот ученик

Хелсинки, 3 април 2024 (МИА) - Мотивот за пукањето во училиште во предградие на Хелсинки, во кое беше убиено 12-годишно момче, бил злоставување, објави денеска финската полиција.

„При распитот осомничениот рече дека бил цел на злоставување, а оваа информација е потврдена и во полициската истрага“, соопштија од полицијата.

Знамињата беа спуштени на половина копје ширум Финска поради смртта на 12-годишно момче кое загина при пукање во училиште, за кое полицијата соопшти дека го извршил школски другар.

Две ученички од Виертола, исто така на возраст од 12 години, се тешко ранети во нападот во вторникот, соопштија болничките власти и полицијата. Нема новости за здравствената состојба на девојчињата.

Осомничениот е уапсен на околу четири километри од училиштето.

По смртоносните престрелки во училиштата во 2007 и 2008 година, Финска ги заостри законите за оружје во 2010 година и воведе тест за способност за сите кандидати за дозвола за оружје. 

Покачена е и минималната возраст за кандидатите од 18 на 20 години.

Во земјата со 5,6 милиони жители, каде што ловот и пукањето се популарни, има повеќе од 1,5 милиони лиценцирано огнено оружје и околу 430.000 носители на дозвола. паг/

Фото: Јутјуб



 

 

Остани поврзан