• сабота, 23 ноември 2024

Моравјецки: Полска не може сама да испорача ловци МиГ-29 на Украина

Моравјецки: Полска не може сама да испорача ловци МиГ-29 на Украина
Осло, 8 март 2022 (МИА) – Полска не е подготвена сама да испорача ловци МиГ-29 на Украина, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки за новинарите во Осло на прашање за испорака на полски ловци за Украина. - Мора да се нагласи дека Полска не е страна во оваа војна, а и НАТО не е страна во оваа војна. Затоа одлуките за набавка на офанзивно оружје мора да се носат на највисоко ниво во НАТО. Затоа ние сме подготвени да префрлиме дел од нашите ловци во Рамштајн (американска воздухопловна база во Германија), но не сме подготвени да преземеме независни чекори, рече Моравјецки. Полското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјата е подготвена да ги префрли своите ловци МиГ-29 на САД и да ги достави во воздухопловната база Рамштајн. Според достапни информации, Полска има 22 ловци МиГ-29 и шест борбени ловци за обука, пренесе Бгнес. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на брифинг во Кишињев претходно изјави дека САД се подготвени да продолжат да даваат воена помош за Киев и оти размислуваат да и помогнат на Полска доколку таа одлучи да обезбеди борбени авиони на Украина. Во исто време, Вол Стрит Џурнал објави дека САД размислуваат за договор според кој Полска ќе и обезбеди на Украина ловци МиГ-29 во замена за американските ловци Ф-16 од САД. јт/

Остани поврзан