• четврток, 19 декември 2024

Моравјецки очекува ЕУ да ги финансира бегалците во Полска, како и во Турција

Моравјецки очекува ЕУ да ги финансира бегалците во Полска, како и во Турција
Варшава, 21 март 2022 (МИА) - Полскиот премиер Матеуш Моравјецки очекува дека Европската унија ќе покрие добар дел од трошоците на Полска и земјите кои примија бегалци од Украина, од кои 2,11 милиони до денеска пристигнале во Полска, исто како што ЕУ даваше пари наменети за бегалците во првата миграциска криза во Турција. „Се разбира, разговараме за враќање на нашите трошоци. Никој никому не подарува, бидејќи ЕУ веќе и плати огромни средства на Турција, во две транши од три милијарди евра“, рече Моравјецки во интервју за полскиот неделник „Впрост“. Според полските граничари, бројот на бегалците кои доаѓаат од Украина сега е намален и бил за 16 отсто помалку во неделата отколку во саботата, а границата ја минале 33.800 луѓе кои бегале од војната, додека во првите денови тие бројки надминувале 100.000 дневно. „Ние сме единствени затоа што не сместуваме бегалци во големи бегалски центри. Секако дека има спортски сали кои служат како привремено сместување, но генерално тие се сместени благодарение на напорите на Полјаците, невладините организации, црквите, локалните самоуправи и државата“, рече Моравјецки. Полскиот премиер очекува дека мнозинството од 2,11 милиони воени бегалци од Украина ќе можат да се вратат во својата татковина и дека нема да останат во Полска, а не прецизираше колку бегалци може да прифати Полска без да го наруши нејзиниот буџет. „Војната може да има различни форми. Стотици илјади луѓе наскоро може да побегнат од уште подраматично сценарио. И што? Не треба да ги пуштиме? Ќе ги прифатиме, бидејќи кога станува збор за спасување животи, нема простор за калкулации“, рече Моравјецки. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан