• недела, 24 ноември 2024

МОН ќе објавува повици на својата веб-страница за финансиска поддршка за ученици и студенти од новиот пакет антикризни мерки

МОН ќе објавува повици на својата веб-страница за финансиска поддршка за ученици и студенти од новиот пакет антикризни мерки

Скопје, 9 декември 2023 (МИА) - Владата на седница го утврдила текстот на Предлогот-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, меѓу кои се и мерките за поддршка на ученици и студенти, чија цел е да им се помогне во справување со енергетската и ценовната криза. Предлог-законот ќе биде испратен до Собранието со предлог да се усвои по скратена постапка и исплатата да почне од овој месец.

Почнувајќи од декемеври 2023, во период од шест месеци, предвидена е финансиска поддршка за ученици од основното и од средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари. Поддршката ќе биде 1.200 денари за  основците и 1.800 за средношколци.

Владината прес-служба информира и за финансиската поддршка за студенти кои живеат надвор од местото на студирање.

-Предвидена е во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирањето, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно,  за период од седум месеци, започнувајќи од декември 2023 година, соопшти прес-службата на Владата. 

Во соопштението е појаснето и како учениците и студентите ќе аплицираат. За стекнување на правото за финансиска поддршка на основци и средношколци, Министерството за образование и наукана на својата веб-страница  ќе објави повик што ќе трае седум дена, а заедно со повикот ќе биде наведено и кои документи се потребни за пријава.

-Пријавата се поднесува во училиштето во кое ученикот е запишан. За учениците кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање финансиска поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука секој месец да објавува повик, најдоцна до 5-тиот ден во месецот, кој ќе трае седум дена од денот на објавувањето, појаснува владината прес-служба. 

Министерството за образование и наука на својата веб-страница ќе објави повик и за субвенционираниот превоз за студенти кој, исто така, ќе трае седум дена.

-Студентот се пријавува на апликацијата e-uslugi.mon.gov.mk и внесува и приложува податоци и докази што се посочени како потребни. По извршената проверка на податоците и доказите, МОН во рок од пет работни дена од денот на пријавувањето на студентот за добивање на финансиската поддршка, ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање за финансиска поддршка во самата апликација.  За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка на претходните повици, предвидено е МОН да објавува повик секој месец, во времетраење од седум дена од денот на објавувањето, а најдоцна до петтиот ден во месецот, информира Владата за донесените заклучоци од 206-тата седница. 

Во Предлогот на закон е предвидена обврска на државните универзитети секој месец, најдоцна до 10-ти во месецот, до Министерството за образование и наука да доставуваат список на редовни студенти за претходниот месец, со цел проверка на податоците. хс/вј/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан