• петок, 27 декември 2024

МОН утре ќе почне да објавува повици за автори за нови учебници за седмо одделение за идната учебна година

МОН утре ќе почне да објавува повици за автори за нови учебници за седмо одделение за идната учебна година

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Министерството за образование и наука утре ќе ја почне постапката за изработка на учебници за седмо одделение кои ќе се користат идната учебна година, откако Бирото за образование и наука (БРО) минатата недела ги достави до МОН наставните програми за седмо според Концепцијата за основно образование која се спроведува етапно.

Министерот Јетон Шаќири соопшти дека утре ќе почне објавувањето повици за автори за учебниците што ќе се изработуваат согласно новите програми. Бидејќи тие до МОН се доставени многу порано отколку што беа доставени програмите за шесто, поради кои годинава доцнеа учебниците, министерот посочи дека сега ќе има доволно долг период да се изработат и да се распределат навреме. 

-Во минатиот период имавме проблеми, но сакаме да докажеме дека со навремени повици за автори ќе имаме долг период за изработка и печатење на учебниците за наредната учебна година. Како министер побарав истовремено да се изработат и програмите за осмо и деветто одделение за да имаме континуитет  на она што треба целосно да се реализира во основното образование. Затоа што може да произлезат прашања зошто еден дел од материјалот не е предвиден во седмо и да имаме одговор дали тој е предвиден до крајот на основното образование, изјави Шаќири денеска по отворањето на состанокот на Управниот комитет на COST – европска програма за соработка на областа на науката и технологијата.

Учебниците по Историја и општество за петто и за шесто одделение се уште ги нема во наставата затоа што, иако ракописите од авторските тимови се доставени до МОН, не се јавуваат рецензенти на огласите. 

Шаќири изјави дека во три до четири обиди нема пријави и МОН со допис се обратило до сите соодветни факултети за да се  јават професори што ќе ги рецензираат за потоа да може да продолжи наредната фаза, нивно печатење и дистрибуција.

- Но, значајно е тоа што учениците имаат подготвителни материјали за цела година, подготвени од Бирото за развој на образованието според наставната програма. Очекувам дека во наредниот период, најбрзо што може, професори ќе се вклучат како рецензенти и нивните забелешки да бидат земени предвид од Националната комисија за учебници. Затоа ги повикувам сите професори, како што се вклучија за сите други учебници што ги завршивме, да се вклучат и за учебникот по Историја и општество,  истакна Шаќири. хс/бак/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан