• среда, 25 декември 2024

МОН: Поедноставено аплицирањето за финансиска поддршка на ученици и студенти во рамки на новиот пакет антикризни мерки

МОН: Поедноставено аплицирањето за  финансиска поддршка на ученици и студенти во рамки на новиот пакет антикризни мерки

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Министерството за образование и наука потсетува дека двата јавни повика за финансиска поддршка на учениците во основните и во средните училишта, како и за студентите, се објавени на веб-страницата www.mon.gov.mk, а 24 декември 2023 е крајниот рок за аплицирање.

При креирањето на мерките се водеше грижа процесот на аплицирање да биде едноставен. Сепак, со цел да се излезе во пресрет на барањата на дел од потенцијалните апликанти, процесот се поедноставува дополнително. Информираме дека при пријавување на учениците од основните и средните училишта, родителите/старателите кои не се во работен однос, немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат приходи по основ на плата, наведува МОН.

За учениците чии родители не се во брак, МОН информира дека изјава пополнува само оној родител кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници, изјава и податоци доставува само едниот родител.

За аплицирањето на студентите за покривање на дел од трошоците за превоз, како што посочува МОН, најчесто прашање е што се смета за доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање.

-Информираме дека апликантите треба да достават фотографија од месечен билет или фискална сметка, како и принтскрин од цените објавени на веб-страницата на превозникот. Министерството за образование и наука информира дека врши проверка на веродостојноста на податоците во документите од секоја доставена апликација, а утврдувањето на невистинити податоци повлекува и соодветна одговорност, посочува министерството. 

Финансиската поддршка од 16,3 милиони евра што е предвидена за помош на учениците и студентите е дел од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата и е дел од поддршката во вкупен износ од 662 милиони евра наменети за социјално ранливи категории граѓани. хс/дма/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан