• вторник, 19 ноември 2024

МОН: Од понеделник исплата на субвенциониран студентски оброк на неделно ниво

МОН: Од понеделник исплата на субвенциониран студентски оброк на неделно ниво

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Наместо на дневна основа, од следниот понеделник паричните средства за субвенциониран студентски оброк ќе се исплаќаат одеднаш за шест дена во неделата. Ова е предвидено со последните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, направени на барање на студентските организации и здруженија, а во насока на унапредување на решението за користење на оваа системска мерка.

Министерството за образование и наука известува дека почнувајќи од следната седмица, секој студент кој го остварува правото на субвенциониран студентски оброк, на својата трансакциска сметка ќе добива буџет во износ од 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк, односно намирници за прехрана и ќе може да се искористат од понеделник до сабота.

-На овој начин се зголемува практичноста на законското решение кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа. Нема промена во условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Рокот за пријавување на студентите кои досега не го оствариле ова право или не ги исполнувале критериумите, е од 1 до 5 секој нареден месец преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.

Со оглед на тоа што примената на новото законско решение стапува во сила од 1 март, МОН информира дека секој студент корисник на правото, овој петок ќе добие средства за двата преостанати дена од седмицата, односно 280 денари.

-МОН ја почитува волјата на студентите и го исполни нивното барање. Тие и понатаму ќе бидат важен партнер на институција во креирањето на политиките и мерките кои ги засегаат младите, се наведува во соопштението на  Министерство за образование и наука. хс/дма/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан