• среда, 25 декември 2024

МОН: Во новиот објект на „Сами Фрашери“ Куманово настава ќе следат 1 200 ученици

МОН: Во новиот објект на „Сами Фрашери“ Куманово настава ќе следат 1 200 ученици

Куманово, 28 мај 2024 (МИА) - Над 300 милиони денари ќе чини изградбата на објектот наменет за кумановската гимназија „Сами Фрашери“ соопштија денеска од Министерството за образование и наука. Оттаму информираат дека објектот ќе има четири нивоа и ќе зафаќа површина од 7 400 метри квадратни.

- Во тек се активности за изградба на новиот објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. Станува збор за целосна инвестиција на МОН во вредност од околу 317 милиони денари. Училиштето ќе биде сместено во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње. Ќе има четири нивоа и површина од 7 400 метри квадратни, како и спортски терен и паркинг простор. Новиот, современ објект ќе има просторни можности за 1 200 ученици. Активностите започнаа во месец април, а ги реализира ХОЏА ИНЖЕНЕРИНГ од Куманово. Економскиот оператор беше избран преку постапка за јавна набавка спроведена во рекордно време од страна на МОН веднаш по добивањето на одобрение за градба од општина Куманово во јануари годинава, информираа од МОН.

Владата на 30 август лани, донесе одлука за почнување аткивности за изградба на објект за потребите на учениците од ова училиште. Сектор за урбанизам од општина Куманово во јануари, годинава го издаде одобрението за градење на средното училиште „Сами Фрашери“, училишниот објект ќе биде сместен во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње, каде што веќе функционира и средното училиште „Перо Наков“ на албански наставен јазик.

Генерации ученици следеа настава во несоодветни услови во поранешната административна зграда „ЗИК“, на еден од најфреквентните булевари во градот. ам/дма/


Фото: Општина Кумааново

Остани поврзан