• петок, 08 ноември 2024

Монодрамата „Прво лице еднина“ на интернационален фестивал во Хановер

Монодрамата „Прво лице еднина“ на интернационален фестивал во Хановер

Куманово, 2 октомври 2024 (МИА) - Актерката Владанка Крстевски од Театар Куманово, утре ќе настапи на интернационалниот фестивал за монодрама и камерни игри во Хановер, Германија со монодрамата „Прво лице еднина“, информираа денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“. Монодрамата е авторски проект на Владанка Крстевски, работена заеднички со режисерката Драгана Гунин.

-Претставата на кумановскиот театар „Прво лице еднина“ е селектирана на Интернационалниот камерен театарски фестивал во Германија, кој од први до шести октомври ќе се одржи во Хановер. Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по дванаесет часа дневно. Жртвуваат сè за своите семејства, за своите деца, за да обезбедат подобар живот, а никој не зборува за нив. Оваа е претстава во која зборуваме токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, а утре ќе бидеме мајки и сакаме да имаме поддршка, бидејќи не знаеме кај ќе нè однесе животот. Инспирацијата за мојот текст е од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, во која се зборува за жени кои направиле многу за сите нас, но останале на маргините на општеството, раскажува младата актерка Владанка Крстевски, пренесува кумановски театар.

Претставата премиерно беше изведена во 2019-та година. „Прво лице еднина“ зборува за животната борба, не само на жената како движечка сила во едно општество, туку генерално на секој човек колку треба да се бори за да ги постигне овие цели. Во монодрамата, Владанка Крстевски создава цела серија женски портрети на сцена.

- Зборуваме за жени од сите социјални статуси. Има толку многу примери и животни приказни, кои никој не ги знае, а не се помалку инспиративни од останатите. Во претставата можат да се пронајдат и мажите, бидејќи сите сме луѓе и сите зборуваме за исполнување на соништата, за раскажувањето на сопствената приказна, затоа што на сите ни треба поддршка. Нашата приказна треба да биде чуена од сите. Во суштина естетиката и наративот на претставата е за сите луѓе, меѓутоа приказната е раскажана преку жените на малку посензитивен и емпатичен начин, додава режисерката Драгана Гунин.

Претставата е интерактивна, монодрама зборува за жената, за животот, храброста, бунтовноста. ам/

Фото: Плакат

Остани поврзан