Монографијата „Македонска поетика и стилистика“ претставена на Универзитетот во Љубљана
- На Филозофскиот факултет во Љубљана вчера е промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи. Деновиве монографијата беше претставена и на Универзитетот во Загреб, а претходно и на универзитетите во Мадрид, Париз, Задар, Бања Лука и Скопје.
Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - На Филозофскиот факултет во Љубљана вчера е промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи. Деновиве монографијата беше претставена и на Универзитетот во Загреб, а претходно и на универзитетите во Мадрид, Париз, Задар, Бања Лука и Скопје.
-Од вчера, колективната монографија веќе е во фондот на љубљанските библиотеки и ќе биде достапна за словенечките слависти и македоности. Како што беше истакнато на вчерашниот настан, монографија со ваква методолошка рамка и концепција, којашто ги поврзува книжевната историја, книжевната теорија и следствено поетиката и стилистиката, досега не е објавена за други јужнословенски книжевности и изданието за македонската книжевност се издвојува како единствено од овој формат досега, соопшти проф. Иван Антоновски од Филолошкиот факултет на УКИМ кој го претставил капиталното дело пред љубљанските млади македонисти.

На Одделот за славистика на Филозофскиот факултет во Љубљана, Антоновски имал средба со Намита Субиото, којашто од 2004 година ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност, и годинава е добитничка на „Почесното Рациново признание“ на Рациновите средби.
-Пред своите студенти таа отвори и повеќе суштински прашања за колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“, при што во разговор со Антоновски се поведе дискусија и за поетичките тенденции во современата македонска книжевност, периодизацијата и за актуелната книжевна сцена. Во своето излагање, Антоновски се осврна на содржината на изданието, концептот и структурата, како и на предизвиците при истражувањето и подготовката, се наведува во соопштението. хс/са/
Фото: Иван Антоновски