• среда, 25 декември 2024

Монд: Во Марсеј уапсени 82 лица за шверц на наркотици

Монд: Во Марсеј уапсени 82 лица за шверц на наркотици

Париз, 19 март 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Марсеј изјави дека 82 лица се уапсени во рамките на операција против шверцот со дрога во овој крајбрежен град на југот од земјата, јави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.

Весникот пишува дека Макрон сака „да ја запре трговијата со дрога и да обезбеди јавен ред и мир“, а неговата посета на Марсеј уследи по неколку полициски операции против две криминални банди во овој град.

За време на ненајавената посета, Макрон кажа дека земјата нема да попушти пред ова „страшно зло“ и додаде дека треба да се обезбеди поддршка за жртвите, меѓу кои некои млади членови на семејството се принудени да учествуваат во трговијата со дрога главно како „чувари“ при некаква нелегална трансакција.

Операцијата „Чисто место XXL“ се спроведуваше во Марсеј 24 часа, соопшти Елисејската палата, додавајќи дека во текот на неколку недели биле одржани и други операции, исто така, во Марсеј, но и во други градови.

Макрон соопшти дека во првиот ден од операцијата биле уапсени 82 лица,  а околу 60 лица биле приведени во очекување на целосна истрага.

Запленети се 140.000 евра, објави Монд, додавајќи дека следните три недели во Марсеј и неговата околина ќе бидат распоредени 4.000 полицајци и жандарми.

Идејата е целосно да се реши ситуацијата, па полицискиот надзор ќе биде засилен во наредните недели, најавија локалните власти на југот на Франција.

Макрон денеска беше во Марсеј придружуван од министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин и министерот за правда Ерик Дупон-Морети. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан