• понеделник, 18 ноември 2024

Монаси од Света Гора во прва официјална посета на Бигорски манастир

Монаси од Света Гора во прва официјална посета на Бигорски манастир
Дебар, 22 мај 2022 (МИА) - По одлуката на Вселенската патријаршија да го признае канонскиот статус на Охридската Архиепископоија во прва официјална посета на Бигорски манастир престојуваат монаси од Света Гора. Во Бигорски се Игуменот на светогорската Свештена Обител Есфигмен, Неговото Високопреподобие, Архимандрит г.  Вартоломеј, заедно со браќа монаси од својот манастир и во придружба на Високопреподобниот Архимандрит г. Никанор од манастирот на Светите Бесребреници во градот Перник. - На свечениот и официјален манастирски пречек, од страна на нашиот старец и игумен, Епископ г. Партениј Антаниски, на светогорскиот Старец му беше подарен архимандритски крст од илјадагодишниот јубилеј на Бигорската Обител. Според манастирскиот типик, ценетиот гостин и неговата придружба беа со песнопенија и ѕвона внесени во Претечевиот храм, каде што беше отслужено пригодно молитвословие, вели отец Кирил. Додава дека и двајцата имале и говори. Епископот Партениј го потенцирал значењето на оваа посета по одлуката на Вселенската патријаршија. -Сегашниов благодатен настан за нас преставува една огромна радост, особено затоа што Вие сте првиот игумен од Света Гора кој доаѓа во официјална посета на нашиот манастир по прогласувањето на богслужбеното и канонско единство на нашата Црква од страна на светиот престол на Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. За нас, како и за сите Православни, Света Гора значи многу. Сето ова што го гледате сега во нашиов Манастир, ова братство, е благодарение токму на Мајката Божја, Која некогаш благоизволи и го просветли преподобниот Старец Георгиј Капсанис да ги отвори вратите на своето срце и на својот манастир за првите монаси на Света Гора од кај нас. Вие го донесовте благословот на Света Гора овде, само неколку дена по пристигнувањето на благата вест од пресветлиот Центар православието,Вселенската Патријаршија. Честа и радоста наша се уште поголеми, затоа што сме слушале за Вашата љубов кон Мајката Црква, Вселенската Патријаршија и особено кон личноста на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј – еден Патријарх кого слободно можеме да го наречеме велик. Имено тој нам ни стана втор Фотиј Велики, подобен на првиот кој ги испратил Светите Кирил и Методиј, за да ја пренесат светлината на Евангелието среде Словените. Преку личноста на Патријархот Вартоломеј и со неговото благоволение да нè прими и прифати во лоното на Црквата и во семејството на православните, за нас се случи второто просвештение. По неговите молитви и заложби дојде и до помирување со Православната Црква на Србија, коешто беше официјализирано со неодамнешното сослужение во Белград. Ние искрено се надеваме дека од денес ќе започне нашата поголема соработка со светогорската монашка заедница, со Вас и со другите игумени и монаси од Градината на Мајката Божја, рекол владиката Партениј. Г. Вартоломеј пак потенцирал дека му се исполнила тајната желба што ја имал со години да го посети овој манастир. -Една тајна желба што ја имав многу години, во овој миг ја гледам како се исполнува на еден чудесен начин. Не беше во нашата програма да дојдеме овде во Манастирот, зашто нашата мисија беше да ги однесеме во Софија за поклонение чесните мошти на Светите Браќа Кирил и Методиј, од кои дел се чуваат во нашата Обител. Архимандритот Никанор од Манастирот на Светите Бесребреници во Перник е брат на нашиот Манастир и неговиот Манастир ние го сметаме и како наш. Имено тој беше оној кој ја смисли и ја оствари програмата да дојдеме денеска кај вас. Во себе почувствував една огромна радост, затоа што слушав, гледав, чувствував за Вашиот Манастир. И во овој миг, и слушам и гледам и чувствувам, присутен во Вашиот манастир. По благодатта Божја живееме историски моменти през целиов овој период и секој еден од нас станува мал дел од историјата која во моментов се испишува. И не можеме да Му искажеме ништо друго освен благодарност на седобриот Бог, Кој нè удостојува толку чудесни настани да се случуваат во нашиот живот, и покрај човечките безизлези кои имаат завладеано со нашиот живот, потенцирал игуменот. Посочил дека по подигањето на таа шизма, која толку години ја измачуваше Црквата и Православието, веќе го живееме тоа чудо – сите да сме заедно на исто место. - Затоа, дозволете ми да кажам сега кога за првпат доаѓам во Вашиот Манастир: Ви благодарам што ме примивте во мојот Манастир. Јас навистина се чувствувам како дел од Вашата заедница, како еден од Вашите отци. Ова е благодатта Божја и благодатта на Богородица, Која го благословува целиот свет, а особено нас монасите. Како што рековте многу точно и мудро, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј е еден мудар јерарх, човек Божје, испратен во правиот момент, за да го исполни планот Божји, кој не е ништо друго, освен љубовта Божја за човекот и за единството помеѓу нас. Неговата Сесветост прави пресек на историјата и ние сме среде таа историја и се радуваме и ја вкусуваме оваа радост. И им ја посакуваме оваа радост на сите отци и на сите поклоници на овој Манастир, посочил Игуменот. вт/цр

Остани поврзан