• недела, 24 ноември 2024

„Момчето со пругасти пижами“ на Летечка театарска трупа на 22 јули ќе гостува на фестивал во Требиње

„Момчето со пругасти пижами“ на Летечка театарска трупа на 22 јули ќе гостува на фестивал во Требиње

Тетово, 19 јули 2024 (МИА) - Драмското студио „Летечка театарска трупа“ (ЛТТ) од Тетово со претставата „Момчето со пругасти пижами“ на 22 јули, понеделник, ќе настапи на Меѓународниот театарски „Фестивал на фестивалите" во Требиње, БиХ. Со оваа претставата Летечка театарска трупа освои Гран-при и најдобра режија на фестивалот ДАФ во Кочани.

-„Момчето со пругасти пижами“ доживеа значаен успех. По освоените Гран-при и награда за најдобра режија на театарскиот фестивал ДАФ, како и гостувањата во Македонскиот народен театар и театрите во Битола и Штип, селектирана е за учество на меѓународниот фестивал „Фестивал на фестивалите" во Требиње, БиХ. Ова е стара и исклучително реномирана манифестација која трае над 60 години, каде што копјата ги вкрстуваат најдобрите театарски претстави од Западен Балкан со реномирани професионалци режисери, драматурзи и актери во жири комисијата, изјави Владимир Јованоски, режисер на претставата.

Зоран Јованоски, извршен директор на „Летечка театарска трупа“ потсети дека поминаа 16 години откако првиот ансамбл на ова студио се поклони пред публиката во Тетово. Оттогаш, илјадна публика и стотина актери раснеа заедно со нивните претстави.

-Паѓавме и се кревавме посилни, плачевме и се смеевме заедно на сцена но и позади неа. После 30-тина премиери и неколку стотици репризи, најголемиот успех е што изградивме верна и искрена врска со публиката на нашата сцена во Тетово со која, и покрај новоосвоените гледачи во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Гостивар, Кичево, имаме љубов на прв поглед. Како независен слободоумен театар, низ годините ожнеавме многу награди за најдобри претстави, режија, работа со деца, специјални награди и признанија, два пати го прелетавме океанот и игравме во Канада и САД, но најсреќни сме дома, во Тетово, а штиците на нашата сцена ни се некако најудобни за игра, вели Зоран Јованоски.

Режисерот Владимир годинава бележи 30 години играње на театарската сцена.

-Годинава се навршуваат и 30 години од моето играње на сцена. Претставите кои следуваат годинава, ќе бидат мој подарок до тетовската публика, моите другари и пријатели. Да се биде театарски актер, значи, на сцена да се игра сето она што луѓето го доживуваат, мечтаат, мразат или се плашат во своите животи. Тоа е многу тешко бреме. Театарот служи да ги покаже убавите страни на животот и да ги предупреди луѓето на злото кое чека зад аголот. Актерите мораат постојано да поминуваат низ тоа на сцена за луѓето да не мораат да го доживеат тоа во живо. Прашање е само кој колку гледа, слуша и разбира, вели Владимир Јованоски.

Режисерот Владимир Јованоски минатата 2023 година во рамки на одбележувањето на 15 години од ЛТТ, ја подготви претставата со адаптација на романот на ирскиот романсиер Џон Бојн „Момчето во пижами со пруги“, од 2006 година.ас/бт/

Фото: ЛТТ 

Остани поврзан