• недела, 17 ноември 2024

„Молкот на разумот“ вечер во кино „Фросина“

„Молкот на разумот“ вечер во кино „Фросина“

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Специјална проекција на „Молкот на разумот“, филм на Кумјана Новакова, ќе се одржи вечер од 20 часот во киното „Фросина“  во Младинскиот културен центар.

- Ова е прва проекција во Скопје на документарниот филм, кој освои повеќе значајни награди на реномирани фестивали и е во состав на единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, појаснуваат од Тиииит! Инк.

Филмот е форензички видео-есеј, изграден како перформативно истражување во судската архива на случајот „Кунарац и други“, уште познат како „Судење за логорот за силување во Фоча“, што се водеше во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) од март до ноември 2000 година и претставува првиот случај пред меѓународен суд, со кој се осудуваат силувањето и сексуалното ропство како кривично дело против човештвото.

- Базиран исклучиво од форензичка визуелна архива и сведоштва, „Молкот на разумот“ дејствува како меморијата: недостижна, флуидна, надвор од рамките, се движи во сите правци - просторни и временски. Искуствата на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина, стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи ги времето и просторот. „Молкот на разумот“ е добитник на наградата за најдобра режија на програмската секција „Envision“ на Меѓународниот фестивал на документарен филм ИДФА (IDFA) во Амстердам 2023, на наградата за човекови права на Филмскиот фестивал во Сараево 2023, на награда за најхрабар филм на Филмскиот авторски фестивал 2023 во Белград и добива специјално признание на Филмскиот фестивал во Торино 2023, додаваат од Тиииит! Инк.

По проекцијата на филмот, предвидена е дискусија на англиски јазик, водена од филмската критичарка Петра Метерц.

Билетите за специјалната проекција на „Молкот на разумот“ се во продажба на www.bileti.mkc.mk и на билетарницата на Младинскиот културен центар. бд/са/

Фото: Тиииит! Инк.

Остани поврзан