• среда, 25 декември 2024

МОК: Над 8.500 навредливи објави против спортисти на социјалните мрежи за време на Игрите во Париз

МОК: Над 8.500 навредливи објави против спортисти на социјалните мрежи за време на Игрите во Париз

Париз, 19 август 2024 (МИА) - Меѓународниот олимписки комитет објави дека имало повеќе од 8.500 навредливи објави против спортисти на социјалните мрежи за време на Игрите во Париз.

Комисијата за спортисти на МОК соопшти дека објавите биле проверени и препратени за понатамошни активности со систем напојуван од вештачка интелигенција (АИ).

-Како претставници на спортистите, силно ги осудуваме сите форми на напади и малтретирање, без оглед на мислењата што некој може да ги има во врска со конкретните одлуки. Изразуваме целосно сочувство и поддршка до спортистите и до оние кои се погодени од ова неприфатливо однесување, рекоа од страна на комисијата.

Пред Игрите, Кирсти Бароус, шефица за безбеден спорт во МОК, рече дека се очекуваат околу 500 милиони објави на социјалните мрежи и додаде дека системот напојуван со вештачка интелигенција ќе следи илјадници сметки на сите големи онлајн платформи и на над 35 јазици во реално време.

Олимписката боксерска шампионка Иман Келиф, особено, беше предмет на значително непријателство на социјалните мрежи.

Алжирката, како и колешката Лин Ју-тин од Тајван, имаа право да се натпреваруваат во женска конкуренција, откако и двете беа дисквалификувани од Светското првенство за жени во 2023 година, откако паднаа на тестовите за родов идентитет.

Париските обвинители минатата недела објавија дека отвориле истрага за сајбер-малтретирање врз основа на јавни навреди и јавно поттикнување на родова дискриминација.

Според властите, Келиф поднела жалба, а нејзиниот адвокат Набил Буди напиша на социјалната мрежа Х дека истрагата треба да открие кој стои зад „мизогонската, расистичка и сексистичка кампања“ против боксерката. дс

Фото: Архива

Остани поврзан