• недела, 24 ноември 2024

Моите размислувања како генерален секретар на НАТО за решавачката деценија

Моите размислувања како генерален секретар на НАТО за решавачката деценија

НАТО Ривју – Брисел

28 септември 2024 

Како што се приближувам до крајот на мојот мандат како генерален секретар на НАТО, се навраќам на некои од важните лекции од изминатите 10 години за кои верувам дека мора да продолжат да ја водат Алијансата во иднина.

Светот длабоко се промени од 2014 година кога ја презедов функцијата генерален секретар на НАТО. Путин ја врати бруталната војна во Европа, глобалната конкуренција се зголеми, а многу предизвици – од тероризмот и кибер нападите до климатските промени – го трансформираа нашиот безбедносен пејзаж и нашиот секојдневен живот. Како што се менуваше светот, така се менуваше и НАТО.

Оваа измината деценија несомнено беше најтрансформациската за Алијансата од завршувањето на Студената војна. Ја зајакнавме нашата одбрана со ставање во борбена готовност на десетици илјади војници на НАТО на нашето Источно крило првпат во нашата историја. Сега имаме половина милион војници во степен на висока борбена готовност низ Алијансата, поддржани од значителни поморски и воздухопловни сили.

Го зголемуваме производството на воени капацитети и градиме поблиски врски меѓу нашите одбранбени индустрии низ Европа и Северна Америка. Сојузниците значително ги зголемија своите инвестиции во одбраната. Бројот на сојузниците кои трошат најмалку два отсто од својот БДП за одбраната се зголеми од три во 2014 година на 23 во 2024 година. Сето ова не го правиме за да предизвикаме војна, туку за да спречиме војна и да го зачуваме мирот. Тоа е основната мисија на НАТО.

НАТО не само што стана посилен, туку и се прошири. Четири земји – Црна Гора, Северна Македонија, Финска и Шведска – се приклучија на нашето семејство, а Украина е поблиску од кога било до НАТО, каде што со право припаѓа. Ние, исто така, ги продлабочивме нашите партнерства со земјите од Индо-пацифичкиот регион, ги проширивме нашите партнерства со нашето јужно соседство и ја зајакнавме нашата соработка со Европската Унија на нивоа без преседан.

За 10 години, НАТО стана поагилен и подготвен да се справи со предизвиците од каде и да дојдат. Ги прогласивме кибер просторот и Вселената за нови домени на работа, заедно со копното, морето и воздухот. Ја зајакнуваме отпорноста на нашите општества и критичната инфраструктура, настојувајќи да ги елиминираме штетните зависности од авторитарните режими. Сега имаме поголем фокус на иновациите и напредната технологија, со новиот акцелератор за одбранбени иновации на НАТО (ДИАНА) и нашиот Инвестициски фонд од милијарди евра.

Предизвиците наметнати од агресивната политика на Кина и безбедносните влијанија на климатските промени сега се цврсто на агендата на НАТО. Овие промени беа клучни, а НАТО ќе продолжи да се прилагодува.

По една деценија на чело на Алијансата, би сакал да понудам пет лекции кои се клучни за континуиран успех на НАТО.

Првата лекција е дека нашата безбедност не доаѓа бесплатно. Мораме да бидеме подготвени да ја платиме цената за мирот. По Студената војна, кога тензиите се намалија, се намалија и нашите трошоци за одбрана. Кога нашата безбедност е во прашање, како што е денес, јасно е дека нашите буџети за одбрана треба да се зголемат. Колку повеќе трошиме, толку е посилна нашата одбрана, толку е поефикасна нашата способност за одвраќање и толку е поголема безбедноста.

Добрата вест е дека од 2014 година, кога сојузниците се согласија да трошат 2 отсто од својот БДП за одбрана, инвестициите во одбраната значително се зголемија. Првпат вкупните трошоци за одбрана во Канада и Европа се искачија над 2 отсто. Лошата вест, сепак, е дека реперот од 2 отсто повеќе не е доволен. На Самитот на НАТО во 2023 година, сојузниците одобрија робусни, нови одбранбени планови за безбедноста на Европа. Овие планови доаѓаат со специфични цели за способност, вклучувајќи оружје, сили и нивоа на подготвеност што треба да ги обезбедат поединечните сојузници. За да ги исполниме овие цели и да се осигураме дека можеме да ги извршиме овие планови, доколку е потребно, сојузниците ќе треба да потрошат значително повеќе од 2 отсто за одбраната.

Втората лекција е дека слободата е повредна од слободната трговија. Нашите економски избори имаат безбедносни последици. До неодамна, некои сојузници веруваа дека купувањето гас од Русија е чисто комерцијална работа. Сепак, видовме дека потпирањето на гас од Русија не направи ранливи. Не смееме да ја направиме истата грешка со Кина. Треба подобро да ја заштитиме нашата критична инфраструктура, да избегнеме извоз на технологии кои можат да се користат против нас и да ја намалиме зависноста од критичните материјали од стратешките конкуренти.

Ова е клучно за нашата безбедност. Ова не значи дека сојузниците треба да градат бариери меѓу себе. Протекционизмот меѓу сојузниците не е добар за нашата безбедност или за нашите економии. Напротив, во согласност со член 2 од нашиот основачки Северноатлански договор, сојузниците мора да работат заедно за да ја зајакнат економската соработка.

Третата лекција е дека воената сила е предуслов за дијалог. Тоа е јасно докажано во Украина. Не верувам дека можеме да го промениме мислењето на претседателот Путин за слободна и независна Украина, но мислам дека можеме да ги промениме неговите пресметки. Со давањето повеќе оружје на Украина, можеме да направиме режимот во Москва да сфати дека не може да победи на бојното поле и дека единствената опција за Русија е да дојде на преговарачката маса.

Иако парадоксално, најкраткиот пат до мир и дијалог во Украина е преку обезбедување повеќе оружје за Украина. Од целосната инвазија на Путин во февруари 2022 година, нема основа за конструктивен дијалог со Русија. Но, како што јасно кажа и самиот претседател Зеленски, Русија ќе треба да биде дел од секој мировен договор. На Украина е да одлучи кога е вистинското време за разговори, но јасно е дека моќта е единствениот јазик што Путин го разбира. Дијалогот функционира само кога е поддржан од силна одбрана.

Четвртата лекција е дека воената моќ има свои граници. Авганистан е пример. По терористичките напади врз САД на 11 септември, правилно беше да се испратат сили на НАТО во Авганистан. Нашата воена интервенција помогна да се деградира Ал Каеда и да се спречи Авганистан да биде безбедно засолниште за меѓународните терористи од каде ќе ги нападнат нашите земји. Ги постигнавме нашите првични цели, но ги видовме и трошоците за одржување на мисијата. Изградбата на демократски и обединет Авганистан со еднакви права за сите беше достојна цел, но беше премногу амбициозна. Она што започна како фокусирана антитерористичка операција стана вежба за градење нација од големи размери.

Меѓутоа, по 20 години, талибанците зајакнаа, а меѓународната заедница не успеа да изгради стабилна авганистанска Влада која би можела да ја зачува сопствената земја безбедна, откако ние заминавме. Фактот што авганистанската Влада и безбедносните сили пропаднаа толку брзо покажа зошто беше правилно да се напушти земјата. Немаше докази дека останувањето таму уште 20 години би го променил крајниот исходот.

Можеби повторно ќе бидеме повикани воено да интервенираме надвор од нашите граници во иднина. Меѓутоа, секоја идна операција мора да има јасно дефинирани цели во целиот нејзин тек. Мора да ни биде јасно што може, а што не може да постигне воената моќ на НАТО.

Петтата и последна лекција е дека никогаш не треба да ја земаме здраво за готово врската меѓу Европа и Северна Америка. Од двете страни на Атлантикот, ние мора да ја препознаеме вредноста на трансатлантскиот сојуз и да инвестираме во него. Европејците мора да сфатат дека без НАТО нема безбедност во Европа. Осумдесет отсто од одбранбените трошоци на НАТО доаѓаат од сојузниците кои не се членки на Европската Унија. Овие сојузници придонесуваат со значителни ресурси, но тие се исто така стратешки позиционирани да го обезбедат европскиот континент, од Турција на југ и Норвешка на север, до САД, Канада и Обединетото Кралство на запад.

Од своја страна, Американците мора да ја препознаат вредноста на нивните пријатели и сојузници во НАТО. Од Кореја до Авганистан, Америка никогаш не морала да се бори сама. Триесет и една земја даваат значителен придонес за безбедноста и интересите на САД. Тие ја умножуваат моќта и влијанието на Америка на глобално ниво. Ова е предност што ја нема ниту една друга голема глобална сила. НАТО е едно од најголемите американски богатства.

Во поопасен и меѓусебно поврзан свет, безбедносните предизвици со кои се соочуваме се преголеми, а конкуренцијата премногу жестока за која било земја на НАТО да го направи тоа сама. Јас не верувам само во Европа и не верувам само во Америка. Верувам во Европа и Америка заедно во силен НАТО. Инвестирањето во трансатлантските односи е единствениот победнички пат напред за нашиот мир и безбедност - сега и за генерациите што доаѓаат.

Колумна на генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг

Фото: НАТО

Остани поврзан