• среда, 25 декември 2024

Можни причини за лажно позитивен тест за бременост

Можни причини за лажно позитивен тест за бременост

Лос Анџелес, 8 мај 2023 (МИА) - Домашните тестови за бременост ја кажуваат веста за приновата, со тоа што го откриваат нивото на бета-хЦГ хормонот (хуман-хорионски гонадотропин или хормон за бременост), којшто се ослободува од плацентата веднаш по зачнувањето. И, додека некои тестови за бременост го откриваат хЦГ многу рано во бременоста и може да бидат доста точни, понекогаш може да бидат и лажно позитивни.

Како што објаснуваат гинеколозите, за лажно позитивни тестови може да има повеќе различни причини, пренесува „Хелтлајн“ (Healthline).

Биохемиска бременост

Лажно позитивен тест за бременост понекогаш е предизвикан од тн. хемиска бременост. Таа појава настанува кога оплодената јајце-клетка, т.е. ембрионот, не успева да имплантира или расте многу рано. Ова може да се случи поради многу причини, од кои повеќето се непознати.

Вонматерична бременост

Оплодената јајце-клетка понекогаш може да се смести надвор од матката, предизвикувајќи тн. вонматерична бременост. Тоа е сериозна и често многу опасна состојба за жената, којашто треба веднаш да се лекува. Имено, лекарите предупредуваат дека оваа состојба може да доведе до значителна загуба на крв, но и до губење на органите за оплодување.

Неодамнешен спонтан абортус или прекин на бременоста

Лажно позитивен тест може да се појави и по прекин на бременоста, или поради спонтан абортус. Имено, нивото на хЦГ продолжува да расте, достигнувајќи го својот врв и по зачнувањето. Со оглед на тоа, хормонот може да остане во крвта и урината до шест седмици по завршувањето на бременоста.

Тест со истечен рок

Во случај рокот на траење на тестот за бременост да е истечен, многу е можно да покаже погрешни резултати. Имено, гинеколозите предупредуваат дека пред употреба на тестот, мора да се провери датумот на истекување запишан на пакувањето.

Лекови

Земањето одредени лекарства, исто така, понекогаш може да предизвика лажно позитивен тест за бременост. Тоа, велат гинеколозите, се однесува само на лековите за плодност кои содржат хЦГ, коишто се вбризгуваат со инјекција.

Одредени здравствени состојби

Во некои случаи, и некои медицински состојби може да предизвикаат поголемо ниво на хЦГ, дури и кога жената не е бремена. Тоа може да бидат цисти на јајниците, бубрежни заболувања, одредени видови рак - нарушувања коишто значително влијаат на нивото на хормоните, особено кај жени во менопауза или перименопауза, како и тумори што ја заегаат плацентата.  си/ссм/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан