• четврток, 26 декември 2024

„Моето детство е моја приказна“: Герила акција за подигнување на свеста за приватноста на децата во дигиталната ера

„Моето детство е моја приказна“: Герила акција за подигнување на свеста за приватноста на децата во дигиталната ера

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) – Уметникот Озбек Ајваз во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), организираат герила акција под наслов „Моето детство е моја приказна“, по повод Светскиот ден на детето.

Уметничката инсталација ќе биде изложена денеска, од 11 до 15 часот, кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје,  како симболичен потсетник дека секое дете заслужува приватен и безбеден простор за раст и развој.

Оваа акција, како што информираат организаторите, има за цел да ја подигне свеста за значењето на дигиталната приватност на децата и да ги поттикне родителите и општеството на одговорно и свесно однесување кое ќе придонесе кон безбедноста и добросостојбата на младите во онлајн просторот.

Акцијата е дел од проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот“ финансиран од Европската унија.

Акцијата испраќа силна порака дека иако споделувањето на моменти од животот на децата е често со најдобри намери, тоа може да предизвика долготрајни несакани последици по нивната приватност и безбедност.

Истражувањата, како што е наведено во соопштението, покажуваат дека фотографии и видеа, споделени од родителите на социјалните мрежи, честопати завршуваат на несоодветни места на интернет, изложувајќи ги децата на ризици од злоупотреба на податоците, идентитетски измами и дигитална експлоатација.

Според проценките, до 2030 година, милиони деца би можеле да станат жртви на злоупотреба на нивните лични податоци како резултат на прекумерното споделување вакви содржини.  дма/

Фото:МИА архива

Остани поврзан