Модриќ: Роналдо беше многу важен за Реал, но продолживме да победуваме и без него
- Модриќ призна дека сака да ја заврши кариерата во „Сантијаго Бернабеу“, но тоа во голема мерка зависи од желбата на клубот да го задржи.
Мадрид, 22 јули 2020 (МИА) - Играчот од средниот ред на Реал, Лука Модриќ смета дека заминувањето на клучен играч како Кристијано Роналдо не ги сменило амбициите на тимот да го освои секој можен трофеј. Освојувачот на „Златната топка“ за 2018 година истакна дека тимот е секогаш над се и не е под влијание на поединецот.
- Нема потреба да разговараме колку важен беше Кристијано за Реал. Но, морам да кажам дека не бевме оптоварени со фактот дека поради неговото отсуство не би можеле да ги имаме истите амбиции. Бевме убедени дека ќе продолжиме да победуваме без него, затоа што без разлика на важноста на силата на поединецот, тимот е секогаш над се и најголема сила, изјави Модриќ за „Спортске новости“.
Модриќ призна дека сака да ја заврши кариерата во „Сантијаго Бернабеу“, но тоа во голема мерка зависи од желбата на клубот да го задржи.
Неговиот договор истекува во летото 2021 година, а тој сè уште немал разговори со управата на „белиот балет“ за негово продолжување.