• сабота, 09 ноември 2024

Објавен тендер за компресорите на хируршките сали за Клинички, информира Таравари и најави модерно здравство и дигитализација

Објавен тендер за компресорите на хируршките сали за Клинички, информира Таравари и најави модерно здравство и дигитализација

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите за хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје, но и дека доколку е потребно ќе се обиде да се најде начин за реновирање и на салите во болницата „8 Септември“.  

- Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме ние ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар, изјави денеска министерот за здраство Арбен Таравари, кој имаше средба со новинарите. 

Прашан околу реновирање на хируршките сали на ГОБ „8 Септември“, тој кажа дека таму не бил но оти слушнал оти салите не се во добра состојба.

- Дефинитивно и во Клинички центар јас кога бев во салите, навистина не изгледаат добри. Во „8 Септември“ не сум бил да ги видам салите, меѓутоа ми кажуваат дека и таму не се во добра состојба. Меѓутоа, морам да се консултирам и со финансии да видиме како стоиме со финансиски средства. Ако добијам дозвола, јас се надевам дека што побргу што можам, не можам да кажам рок сега, бидејќи ми треба да видам што се можностите. На Клинички центар ќе се обидам што побргу и на „8 Септември“ доколку имаме начин некако да се менаџира плаќањето во неколку години ќе инсистирам и таму да завршиме или да започнеме со реновирање, одговори Таравари.

Министерот изјави дека до петок ќе каже кој ќе биде нов директор на ГОБ „8 Септември“. Прашан за доктор Танер Хасан, Таравари рече дека тој најверојатно ќе биде директор на Клиниката за ендокринологија, но, оти тоа се уште не е дефинитивно.

На средбата со новинарите Таравари најави модерно здравство, инвестирање во дигитализација, промоција на здрав живот, имплементација на национална фармацевтска политика. Модернизацијата на јавните болници ќе опфати надградба на инфраструктурата и технологијата за подобрување на квалитетот на грижата, намалување на времето на чекање и подобрување на исходите за пациентите.

- Подобрување на инфраструктурата на јавните здравствени устаннови, со акцент на Штипската болница, Кичевската болница, „Свети Еразмо“ - Охрид и секако разгледување на целосната документација и досегашни предлози за новиот клинички центар, информираше министерот.

Во план е целосен скрининг на достапната медицинска опрема за јавните здравствени установи, како и набавка на нова опрема со цел децентрализација на медицинската услуга, како на пример, набавка на опрема за операции, за офталмолошки контроли, ОРЛ тонзили... Се размислува и за подобрување на итните медицински услуги, подобрување на инфраструктурата со подобра опрема, повеќе амбулантни возила и напредна обука за парамедици за да се осигура брза и ефикасна итна реакција.

- Планираме проширување на пристапот до примарна здравствена заштита - давање повеќе ингеренции на ПЗЗ, со цел задржување на пациентите во примарно и секундарно ниво. Разгледување на можноста за зголемување на бројот на примарни здравствени клиники, особено во руралните и недоволно опслужените подрачја, за да се осигура дека повеќе граѓани имаат пристап до основни здравствени услуги, подвлече Таравари.

Околу подобрување на здравствената ИТ инфраструктура, тој рече дека имаат за цел инвестирање во дигитализација на здравствените услуги и телемедицина за да се подобри грижата за пациентите, управувањето со податоци и да се обезбедат далечински консултации, особено корисно за оддалечените подрачја.

- Имплементирање на превентивни здравствени програми: лансирање на национални превентивни здравствени иницијативи фокусирани на чести незаразни болести како дијабетес, кардиоваскуларни болести и рак, вклучувајќи редовни скрининзи и кампањи за јавна свест. Промоција на здрави начини на живот - иницирање на јавни здравствени кампањи за промоција на здрава исхрана, редовна физичка активност и откажување од пушење за намалување на товарот од болестите поврзани со начинот на живот. Подобрување на менталните здравствени услуги - зголемување на финансирањето за ментални здравствени услуги, обука на повеќе професионалци за ментално здравје и намалување на стигмата преку кампањи за свест за да се задоволи растечката потреба за поддршка на менталното здравје, рече Таравари.

Планирано е имплементирање на национална фармацевтска политика - развој и спроведување на национална политика за осигурување достапност, пристапност и квалитет на основните лекови, додека се промовира рационалната употреба на фармацевтски производи.

- Секако новиот закон за лекови и законот за медицински средства ќе ми бидат предизвик да ги поминам во Собрание оваа година, рече министерот.

Тој се осврна и на приватните специјализанти.

- Во декември 2023 година, мојот колега Меџити, успеал да ја помине на влада информацијата за вработување на приватните специјализанти. Следен чекор е приложување на законски измени во 333 за на истите да им се понуди работно место, рече министерот.

Покрај средбата со специјализанти, тој најави и состанок со деканот на Медицинскиот факултет во Скопје.

- Од септември мораме со деканот на Медицински факултет да се договориме да направиме стратегија со која што одредени специјализации ќе бидат во мирување или во мораториум, и другите ќе бидат фаворизирани. Можеби ќе размислиме и начин за мотивација за помладите доктори да одат анестезиологија, радиологија, патологија, педијатрија и други специјализации коишто ни недостасуваат во државата, нагласи министерот.

Тој кажа оти чека да се назначи директорот на Фондот за здравствено осигурување и за околу две недели да има по 15 години нова позитивна листа на лекови.

- Јас мислам дека секоја година треба да се обновува таа листа. Меѓутоа, ќе излеземе и со нов закон за лекови со којшто ќе обезбедиме да има квалитетни лекови низ државата, меѓутоа истовремено ќе побараме и рационално користење и препишување на лековите. Ни треба период со експертите можеби и со претставници од сите политички партии поголеми здравствени комисии да седнеме, да направиме еден закон којшто ќе биде одржлив и прифатлив за сите во периодот за следните 10 години, соопшти Таравари.

Министерот се осврна и на случајот со Клиниката за онкологија.

Велат дека здравјето е најважно во животот. Оваа нова година, повторно сите ќе си посакаме прво здравје, па потоа друго. Кога е здравството во прашање, се чини дека годинава што измина, меѓу

- Ни се случи Онкологија. Јас не би сакал да верувам дека има полно „онкологии“ низ Македонија, така што ќе треба интензивно да работиме и во дигитализација на здравството, евентуално да се стават кодови во лековите за да имаме комплетна контрола и да биде заеднички компјутерски систем, информатички систем да бидат и приватните и државните јавни установи и стоматолошките и фармацевтските тука ги вклучувам и лабораториите, тотално сѐ да биде дигитализирано и под контрола, појасни Таравари. бд/ев/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан