• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МНТ со претставата „Народен пратеник“ во јуни ќе гостува во Народно позориште Белград

МНТ со претставата „Народен пратеник“ во јуни ќе гостува во Народно позориште Белград

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, на 4 јуни ќе гостува во Народно позориште во Белград.

МНТ информира дека со „особена радост и официјално“ ја примиле веста од Народно позориште во Белград за терминот за гостување со претставата „Народен пратеник“ која, како што наведува, „е од најсвежата продукција на МНТ, и го доживува својот успех и надвор од границите“.

-Директорот Никола Кимовски со особена чест го прифати ова гостување да се случи на 4 јуни 2025. Претставата со фантастичната актерска екипа ќе се одигра на сцената „Раша Плаовиќ“.
Ова е едно позитивно надополнување во патувачката агенда и организираната турнеја на Македонскиот народен театар, кое дава посебна динамика, ги обединува уметничките изрази, културните разлики и емоционалните искуства на различните сцени. За актерите, продукцискиот тим, пред сѐ за публиката, тоа е исполнување на инспиративни, креативни предизвици. Секој нов град и секоја нова публика носи нови искуства и возбуда кои го трансформираат и го  осветлуваат доживувањето на уметноста. Таа е мост меѓу различни култури и традиции, овозможувајќи размена на идеи, наведува МНТ во соопштението.

„Народен пратеник“  завчера, 8 април, беше изведена на сцената на Црногорско народно позориште, каде што МНТ гостува и со претствата „12“ во режија на Синиша Евтимов, која беше вчера одиграна во ЦНП. хс/са/

Фото: МНТ

 

 

Остани поврзан