• сабота, 28 декември 2024

МНР: Северна Македонија на чело на најголемата светска регионална безбедносна организација- ОБСЕ

МНР: Северна Македонија на чело на најголемата светска регионална безбедносна организација- ОБСЕ

Скопје, 1 јануари 2023 (МИА) – Република Северна Македонија од денеска, официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Преку својот уникатен пристап ОБСЕ придонесува кон регионалниот мир, соработка и севкупен развој.

Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. Министерот Османи ќе ја презентира програмата на програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ , во Виена на 12 јануари.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи, под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

 

– Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи, истакна Османи.

Освен фокусот врз кризните региони, а пред се, воената агресија врз Украина, приоритетите на Северна Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици. Со ова Северна Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.

Османи посочува дека 2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Северна Македонија.

– Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето. Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси, подвлече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ во 2023 година, Бујар Османи во своето новогодишно обраќање до јавноста.фф/лв/

Остани поврзан