• среда, 25 декември 2024

МНР го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб во Охрид

МНР го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб во Охрид
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Министерството за надворешни работи го осуди вечерашното повторно оштетување на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. - Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најстрого го осудува вандалскиот чин што се случил вечерва, 23 ноември, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид. Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава, се наведува во реакцијата за МНР. Министерството ги повикува надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие „вандалски активности“ и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава. - Сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, што преставува и законски и уставно загарантирани човечки, граѓански права и слободи - државата како веродостоен кандидат за членство во ЕУ тоа мора да го обезбеди. Истовремено апелираме до сите граѓани за одговорно однесување и почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас, се додава во соопштението на МНР. Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски за МИА потврди дека вечерва во 19 часот и 12 минути во полицијата било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирана на булеварот „Македонски Просветители“ во трговскиот центар Амам во Охрид. - Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што е утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје, изјави Димоски за МИА. За настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот. сп/

Остани поврзан