• четврток, 26 декември 2024

Мнозинството штипски советници ги изгласаа мерките за комуналното претпријатие „Исар“

Мнозинството штипски советници ги изгласаа мерките за комуналното претпријатие „Исар“

Штип, 7 јули 2023 (МИА) - Забрана за исплата на прекувремени часови, освен на вработените од секторот Водовод, намалување на бројот на вработени, продажба на објекти кои не биле изнајмувани, Советот да побара Министерството за финансии да ги отпише каматите на долгот и дивите приклучоци да се стават во системот за наплата. Ова се петте мерки кои денеска ги изгласаа советниците на седница на Советот на Општина Штип, за да излезе од финансиската криза штипското комунално претпријатие „Исар“.

-Најголем број на неплаќачи се граѓаните од ромската заедница, па затоа ќе потпишеме меморандум за добра соработка со невладини организации како и со МТСП. Дополнително, размислуваме и да се најде начин да се субвенционира оваа заедница. Овде имаме и голем број диви приклучоци, што е неевидентирана добивка на ЈП која сметаме дека треба да ја евидентираме, да извршиме точен упис на дивите приклучоци, да ги ставиме во системот за наплата на самото претпријатие, појасни директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков.

Според советниците од опозицијата, нејасно е зошто повеќето од мерките имало потреба да се најдат на седницата на Советот. Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Маријана Рогожарска-Поповска вели претпријатието веќе доби 18.000.000 денари од Општина Штип, а генерира и значително зголемен приход по основ на зголемувањето на цените за ѓубретарина и одржување на зеленилото.

- Ако го земеме само првиот квартал од годината, во којшто по основ на ставки во текот на една година се зголемија – за ѓубретарина 110 отсто, неколкукратно за одржување на зеленилото, а беше донесена одлука и за инјектирање од 18.000.000 денари на ЈП, зошто имаме потреба да отуѓуваме имот? Зголемување од 8,5 милиони само за три месеца. Тоа е сериозна сума со којашто дел од трошоците коишто сега се прават може да се покријат. Ваквите барања се неиздржани и нејасно е зошто се на седница на Совет, а одлуката за отуѓување на имот е преизбрзана за дадениот момент, вели Рогожарска-Поповска.

Стратегијата која денеска ја изгласаа мнозинството советници е за период од шест месеца, со кој треба да се подобри ликвидноста на најголемото комунално претпријатие во источниот регион. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан