МНД-Битола го одбележа Меѓународниот ден на цивилната заштита
- Македонско научно друштво - Битола го одбележа Меѓународниот ден на цивилната заштита востановен од Генералното собрание на Обединетите нации.

Битола, 28 февруари 2025 (МИА) - Македонско научно друштво - Битола го одбележа Меѓународниот ден на цивилната заштита востановен од Генералното собрание на Обединетите нации.
Цивилната заштита е најширока форма на организирање на субјектите и заедницата за заштита и спасување на населението и материјалните добра од природни непогоди и други несреќи, истакна универзитетскиот професор Менде Солунчевски, на јавно предавање што денеска се одржа во Битола.
Тој додаде дека целта на предавањето е да се подигне свеста кај населението, органи на државна управа, јавни установи и служби, јавни претпријатија и локалната заедница за важноста на цивилната заштита преку нивно ефективно и ефикасно организирање и преземање на мерки за заштита и спасување.
-Организацијата на Цивилната заштита се врши преку два система, односно Системот за управување со кризи и Системот за заштита и спасување и тие се во меѓусебна корелација, нагласи Солунчевски.
Според професорката Елизабета Апостоловска, претставник на Дирекцијата за заштита и спасување-Одделение за заштита и спасување-Битола, мерките за заштита и спасување може да бидат превентивни, оперативни и асанациски, а според видот хуманитарни и урбанистичко-технички мерки за заштита и спасување.
-Важно е дека сите субјекти на национално, регионално и локално ниво во зависност од проценката на загрозеност, треба да организираат соодветни мерки за заштита и спасување и сили за заштита и спасување, посочи Апостоловска.
Меѓународниот ден на цивилната заштита МНД-Битола го одбележа во просториите на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, установа со која има долгорочна соработка.мт/бт/
Фото: МИА