• петок, 27 декември 2024

ММФ и одобри на Украина нов финансиски пакет од 15,6 милијарди долари

ММФ и одобри на Украина нов финансиски пакет од 15,6 милијарди долари

Вашингтон, 1 април 2023 (МИА) - Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вчера одобри четиригодишен финансиски пакет за Украина во износ од 15,6 милијарди долари, како дел од меѓународниот пакет за поддршка во вкупна вредност од 115 милијарди долари во втората година од руската инвазија, соопшти самата монетарна институција.

Се очекува со оваа одлука да се мобилизира концесиското финансирање од големи размери од украинските меѓународни донатори и партнери за да помогне во решавањето на проблемот со платниот биланс на Украина, да се постигне среднорочна надворешна одржливост и да се врати одржливоста на долгот, се наведува во соопштението на ММФ.

Новиот Extended Fund Facility (ЕФФ) ќе овозможи итна исплата на околу 2,7 милијарди долари на Украина, додаваат оттаму, пренесе Хина.

Со ова Бордот на ММФ го ратификуваше договорот постигнат на 21 март, по неколкумесечни преговори меѓу претставниците на ММФ и украинските власти.

ЕФФ е првата голема финансиска програма одобрена од ММФ за земја погодена од војна од големи размери. Претходната програма на ММФ за Украина од пет милијарди долари истече минатата година.

-Поразително е економското и социјалното влијание на руската инвазија врз Украина, рече првиот заменик директор Гита Гопинат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер ја поздрави одлуката на ММФ.

„Тоа е голема помош во нашата борба против руската агресија. Заедно ќе ја поддржиме украинската економија. Одиме кон победа“, напиша тој.

Финансискиот пакет од 115 милијарди долари вклучува заем од ММФ, 80 милијарди долари помош и заеми од други земји и простување на долгови до 20 милијарди долари. сд/

Остани поврзан