• сабота, 23 ноември 2024

ММФ: Економскиот раст во Косово забавен, влијае и одливот на работна сила по визната либерализација

ММФ: Економскиот раст во Косово забавен, влијае и одливот на работна сила по визната либерализација

Приштина, 6 јуни 2024 (МИА) – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во последниот извештај за Косово, вели дека економијата на земјата продолжува да се шири, но динамиката на раст е забавена, што е делумно резултат и на одливот на работна сила по укинувањето на Шенген визите за косовските државјани.

Во последниот извештај на ММФ, што го пренесуваат косовските медиуми, меѓу другото, се споменуваат и казнените мерки што Европската унија ги воведе кон Косово пред една година, како и тензиите на северот на земјата, населен со мнозинско српско население.

На почетокот на извештајот се вели дека развојот се оптоварува и со намалениот пораст кај главните трговски партнери и земјите каде што е концентрирана косовската дијаспора.

„Косовската економија продолжува да се шири, но моментумот на раст е забавен. Негативните прелевања од нискиот раст во клучните трговски партнери и земјите каде што е концентрирана косовската дијаспора (на пр. Германија, Швајцарија) натежнуваат на активноста. Затегнувањето на монетарната политика во еврозоната постепено се пренесува на повисоки каматни стапки во целосно ‘евроизираната’ економија на Косово. Пониските цени на енергијата и храната ги подобрија условите на трговија и помогнаа да се намали инфлацијата“, се вели во извештајот.

Понатаму, според ММФ, врз основа на искуството на другите земји од Западен Балкан, првичното влијание на визната либерализација може да биде умерено. Но, се нагласува дека Косово се соочува со значителен одлив на граѓани од земјава, што може да биде пречка за евентуалниот раст на економијата.

„Неодамнешната визна либерализација на ЕУ може да влијае на работната сила и да го продлабочи недостигот на вештини, што ќе резултира со понизок среднорочен раст. Врз основа на искуствата на другите земји од Западен Балкан, првичното влијание на визната либерализација може да биде умерено. Сепак, Косово веќе се соочува со значителен одлив на емиграција, што е пречка за потенцијалниот раст“.

Во извештајот се зборува и за случувањата во општините на северот од државата. Според изготвувачите на документот, позитивен развој е одлуката за промена на регистарските таблички. Што се однесува до новата регулатива на Централната банка на Косово за динарот, се вели дека тоа може да влијае на трансферите што Србија ги прави на Србите од Косово.

Во однос на надворешните ризици, во извештајот на ММФ се говори за нови поскапувања поради геополитички шокови, вклучително и конфликтот Израел-Газа и војната во Украина.

„Повисоките цени на суровините негативно ќе се одразат на Косово преку послаби трговски услови, повисока инфлација, помала приватна побарувачка и зголемени потреби за финансирање. Помалата активност во напредните европски економии би ги намалила дознаките, туризмот и СДИ (странските директни инвестиции). Постојаното заострување на финансиските услови може да изврши притисок врз квалитетот на средствата на банките и да влијае на кредитирањето на приватниот сектор“, цени ММФ.

Што се однесува до казнените мерки на ЕУ, во извештајот се вели дека доколку тие продолжат, може да имаат се поголемо влијание.

„Иако мерките на ЕУ не се очекува значително да влијаат на растот на краток рок, доколку продолжат со текот на времето, ќе влијаат врз финансирањето и растот на среден рок“, пишува во извештајот.

Во однос на внатрешните ризици, првично се споменува можноста за ескалација на тензиите на северот.

„Ризикот од ескалација на тензиите летово во Косово може да влијае со намалување на странските директни инвестиции, туризмот и поддршката од донаторите... На среден рок, забрзувањето на емиграцијата може да доведе до намалување на работната сила и влошување на неусогласеноста на вештините. Од друга страна, еден значителен напредок во дијалогот со Србија и процесот на пристапување во ЕУ би можел да ја зголеми довербата, инвестициите и растот“, се вели во извештајот на ММФ. иа/мс/

Остани поврзан