• четврток, 26 декември 2024

Млади ќе произведуваат печурки, прво социјално претпријатие во Вардарски регион 

Млади ќе произведуваат печурки, прво социјално претпријатие во Вардарски регион 
Неготино, 10 октомври 2022 (МИА) - Млади лица ќе произведуваат печурки, потпишан е договор за грант во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“, прв ваков проект во Вардарскиот плански регион. Како што информираа денеска од Здружението за заштита на природата, „Ековита" од Неготино, проектот е финансиран од Европската Унија. Кристина Тодорова, апсолвент на Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје и координатор на проектот, појасни дека нивната визија е да бидат извор на производство на разни видови печурки во контролирани услови, од страна на невработени млади лица. Добивката да се реинвестира во зголемување на капацитетот на производството и иновација на нови производи, со цел на дополнително вработување. Едукација на млади со цел лично производство, мало сопствено производство. Помош при обезбедување на пласман, преку посебна интернет продавница. За лицата кои не можат да доаѓаат во социјалното претпријатие, ќе се овозможи онлајн обука на дигиталната платформа на здружението. Таа информираше дека покрај теоретската обука, ќе има и практична работа, производство на печурки. - Младинската миграција го достигнува врвот, а нашето младинско социјално претпријатие ќе биде целно насочено кон запирање на тој процес преку стимулирање на младинско вработување и самоодржливост. Имено, нашата идеја опфаќа едукација и производство на разни видови печурки во контролирани услови, од страна на невработени млади лица, кои претежно живеат во рурални подрачја, а применувајќи експертско знаење, дополнето со европски практики и стандарди, децидна беше Тодорова за МИА. Таа информираше дека сакаат да развијат сервис за одгледување печурки, особено за млади во социјален ризик. Млади Роми, но и млади без родителска грижа, со попречености, девојки, млади што се ослободиле од зависност од дрога или алкохол, социјално загрозени и млади невработени лица од рурални подрачја. - Примарната цел е создавање на мотивациска атмосфера, со цел лицата од нашата целна група да почнат да се занимаваат со органско производство на разни видови печурки, користејќи го локалниот органски отпад, со што би се постигнала и секундарната цел, заштита на животната средина во нашиот крај, соопшти младата неготинка. Таа појасни дека одгледувањето на печурката буковка е најбрза земјоделска култура, се искористува локалниот органски отпад. Дека голема придобивка е тоа што сами ќе го произведуваат мицелиумот, семето за печурките и нема да зависат од увоз и надворешни влијанија. Ќе се произведува соодветен вид на печурки во зависнот од потребите на пазарот и годишното време. - Кај нас во Македонија не постои ваков вид на дигитална платформа, дигитален агро-консултант, каде што ќе се споделуваат проблемите, ризиците во производсвото на печурки. Исто така ќе се врши одгледување на различни видови на печурки. Буковка, шитаки, реиши, лавовска брада, маитаке и воведување на стандардот „добра земјоделска пракса", рече координаторката на овој проект. Таа нагласи дека во услови на криза, производството на храна во нашата зедница е од исклучителна важност, да се поминат овие проблеми, кои се најизразени во фамилиите во руралните средини. - Со години се занимаваме со производство и одгледување на печурки. Ќе бидеме единствени во Македонија каде можат да се добијат дигитални практични упатства и обуки за одгледување на буковка и медицински печурки, информираше Тодорова. свд/цр

Остани поврзан