• среда, 25 декември 2024

Млади професионалци и студенти ја посетија Воената Академија

Млади професионалци и студенти ја посетија Воената Академија
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - Како дел од проектот 3-та НАТО Академија, во организација на Евро – Атлантскиот Совет на Северна Македонија, студентите имаа можност да остварат официјална посета на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски" во касарната „Гоце Делчев" во Скопје. На настанот што се одржа вчера, учествувале студенти од цивилните универзитети од земјава, како и млади професионалци вработени во цивилниот сектор. Како што информираат од Евроатлантскиот совет на Македонија, учесниците биле примени од страна на деканот, др. Митко Богданоски и имале можност да се запознаат со критериумите и условите за студирање на Воената академија; основните одговорности за едукација, обука и подобрување на кадарот за потребите на МО, АРМ, системот за управување со кризи и системот за заштита и спасување; организациската структура и можностите за усовршување на кадетите. Учесниците на Третата НАТО Академија 2022 за време на посетата имале можност да присуствуваат во неколку различни објекти, помеѓу кои и компјутерскиот центар за хибридна одбрана. -Самата посета претставуваше уште една потврда за долгогодишната соработка помеѓу Воената Академија, Министерството за одбрана и Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија. Главна цел на Третата НАТО Академија е преку едукација да се засилат реформите и правната рамка во областа на безбедноста и одбраната на долг рок, како и да се креира платформа за едукација, дебата и дискусија, посебно кај младата популација, се наведува во соопштението. Следно на агендата, како што се додава во соопштението, е видео предавање со високи претставници од НАТО, директорката на информативниот центар во Киев, Украина и офицерот во НАТО за Русија и источни европски партнерства, како и посетата на Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC) и дискусијата со министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Академијата беше официјално отворена минатата недела, со студиска посета на над 30 млади лица на кабинетот на претседателот Стево Пендаровски и „Вилата Водно“. Овој проект е поддржан од НАТО Секторот за Јавна дипломатија. свс/дма/

Остани поврзан