• четврток, 26 декември 2024

Млади православни сè повеќе пристапуваат кон исповед во црква 

Млади православни сè повеќе пристапуваат кон исповед во црква 
Кавадарци, 23 април 2022 (МИА) - Од година во година сè повеќе млади луѓе, православни, ја разбираат суштината на светата тајна исповед и пристапуваат кон исповед, по што добиваат благослов да се причестат на литургија во црквата, вели за МИА отец Мартин Деневски од Кавадарци, свештеник во Македонската православна црква-Охридска архиепископија. - Велигденскиот пост е само подготовка за причест и примањето на Бога. Го подготвуваме телото преку постот, воздржувањето. Нејадењето мрсна храна е само еден дел од постот. Постот е пред сè воздржување од кавги, псовки, расправии, гнев и слични работи, дециден е отец Деневски. Исповедта како потреба Од страв нивното признание пред Бога да не се сфати погрешно или да стане мезе на чаршијата, некои тиквешани и кога имаат потреба, одбегнуваат да се исповедаат в црква пред свештеник. Дел од оние со кои разговаравме во Тиквешко, рекоа дека не сакаат да се исповедаат, зашто тоа им доаѓа како разголување на приватноста. Но има и такви што на исповедта гледаат како на потреба. - Знаете како е да се живее во мал град. Овде што и да направиш, сите знаат. Би умрела ако моите тајни се прераскажуваат низ лозјата додека се влечат изрежените лозови прачки, рече младата кавадарчанка со која разговаравме. Таа нагласи дека можеби неосновано, но признава дека се плаши од индискретност. - Искуството нè учи дека од многу институции во државава протекуваат информации, па така се случува она што си го кажал во доверба, во четири очи, зад затворена врата, потоа да стане сочна тиквешка шега. Свештените лица уверуваат дека нашите тајни ќе останат тајна, но изгледа е потребно време за да се престрашиме и да си ја отвориме душата пред Бога, призна младата кавадарчанка. Луѓе со кои контактиравме рекоа дека се прашуваат, дали можеби немањето храброст за исповед кај некои е во фактот што овде верникот и свештеникот не се одделени со физичка бариера, со параван, како што тоа се прави во филмовите кои ги гледаат. Има и граѓани кои признаа дека постат сега кога се велигденски пости, ама сè се сведува само на постење. Не го почитуваат редот, не се исповедаат и не се причестуваат. - Знаеме дека ова нашево му доаѓа повеќе како диета отколку како пост, ама што да правиме, коментираа тие. Недоволно познавање на верата Со неколку прашања на тема исповед се обративме до свештеници од Тиквешко. Ни објаснија дека исповедта е востановена од Христос кога им дал на апостолите власт да простуваат гревови. Од нив таа власт се пренела на свештениците. Свештеникот ја слуша исповедта, но Бог ја прима и ги простува гревовите за кои човек се покајува. Гревот значи нарушување на заедницата со Бога, а покајанието - враќање во таа заедница. Ниеден свештеник не смее да раскажува туѓа исповед, па затоа верниците не треба да се плашат да си ги искажат своите гревови. Доколку некој нема доверба во ниту еден од свештениците од својот град, може да оди во друг град или манастир, но да не го одлага покајанието. - Доколку таквиот рече дека никаде нема добри духовници, тогаш проблемот е во него, во неговиот од гревови помрачен ум, во неговата желба за прикривање и оправдување на своите гревови, а не во свештениците, велат свештениците со кои разговаравме. Православните христијани што ја знаат и ја практикуваат верата, не го трошат времето на рекла-кажала. Стравот од исповед, кај некои, доаѓа од недоволното познавање на верата. - Тиквешани се побожни луѓе, но, за жал, некои од нив сè уште им робуваат на предрасудите од богоборниот период, особено оние од постарите генерации. Но затоа, пак, евидентен е интересот на младите за црквата и токму младите луѓе се носители на нов и здрав дух, и тие го менуваат и ќе го менуваат таквиот нездрав менталитет. Работите во црквата веќе се менуваат на подобро, вели отец  Деневски. Во врска со контактот меѓу свештеникот и исповедникот, појасни дека за православната црква не е својствено постоењето прегради. Православниот духовен живот во основа е составен од пост, молитва и исповед, кои се подготовка за светата причест. Секој православен христијанин, потсети, е должен да се исповеда редовно кај својот духовник. Светлана Дарудова     

Остани поврзан