• петок, 27 декември 2024

Млади од Европа учествуваа на првата теренска школа на археолошкиот локалитет „Стоби“

Млади од Европа учествуваа на првата теренска школа на археолошкиот локалитет „Стоби“
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 во соработка со Балканската фондација за наследство (Balkan Heritage Foundation) организира теренски школи на два археолошки локалитети во регионот, во „Емона“, Словенија (од 20 до 26 септември) и „Виминациум“, Србија (од 27 септември до 3 октомври). Од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 информираат дека од 29 август до 3 септември 2022 година се одржа првата теренска школа на археолошкиот локалитет „Стоби“, каде десет млади (од 18 до 35 години) претставници на културниот и креативниот сектор, од повеќе земји од регионот и Европа учеа, разменуваа искуства и работеа на развој на дигитални алатки кои користат нови технологии во промоцијата и дисеминацијата на културното наследство. Еднонеделната програма, како што се наведува во соопштението, вклучуваше предавања, работилници, практични искуства од регионот, културни посети и хакатон за развој на имерзивни културни искуства. Претставници од културниот и креативниот сектор од земјава, Словенија и Грција преку своите презентации ги воведуваа учесниците во примената на новите технологии, како виртуелна и аугментирана реалност, гемификација и интерактивни содржини во развојот на нови имерзивни културни доживувања на археолошките и културните локалитети. Учесниците имаа можност и да се запознаат со локалитетот „Стоби“ преку предавања на археолозите и преку користење на двете дигитални алатки кои се веќе достапни за посетителите: првата VR апликација „Гладијаторите се враќаат во Стоби“ и новиот „Аудио и QR водич“. -Во рамки на школата учесниците и вработените на „Стоби“ беа и првите корисници кои ја тестираа новата мобилна апликација Immersium, која претставува дигитална алатка за самостојно истражување и забава на посетителите. Мобилната апликација користи игри, интерактивен наратив, аугментирана реалност и мултимедијални содржини и ги води посетителите низ незаборавно културно доживување. Апликацијата од оваа есен ќе биде достапна за три археолошки локалитети: „Стоби“ (Северна Македонија), „Емона“ (Словенија) и „Виминациум“ (Србија), стои во соопштението. Програмата „IMMERSIUM Heritage Field Schools“ се организира во рамки на проектот „Соработка за имерзивно раскажување за десиминација и промоција на културното наследство на Западен Балкан”, поддржан од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“. мд/са/

Остани поврзан