Млади карневалисти од Струмица лани заокружија полуматура, годинава ја продолжуваат вековната карневалска традиција
- Учениците од генерацијата на учителката Соња Цицимова од ООУ „Видое Подгорец“ пораснаа заедно со учествата на Струмичкиот карневал. Лани заокружија полуматура од учеството на Карневалот, а годинава, заедно со нивните родители, успешно ја продолжуваат струмичката карневалска традиција подготвувајќи ги маските, кои ги кријат од очите на другите се до настапот на главната карневалска вечер.

Струмица, 1 март 2025 (МИА) - Учениците од генерацијата на учителката Соња Цицимова од ООУ „Видое Подгорец“ пораснаа заедно со учествата на Струмичкиот карневал. Лани заокружија полуматура од учеството на Карневалот, а годинава, заедно со нивните родители, успешно ја продолжуваат струмичката карневалска традиција подготвувајќи ги маските, кои ги кријат од очите на другите се до настапот на главната карневалска вечер.
Оваа група предводена од учителката Соња Цицимова и нивните родители изминатите денови завршија со подготвката на маските. Младите карневалистите повеќе години по ред освојуваат награди и успешно го претставуваат Струмичкиот карневал на карневали во странство.
- Во изминатите години ние достигнавме еден врв за да можеме да функционираме како семејство. Секој има свој приватен живот, но карневалската приказна е посилна од секоја друга врска. Сите нас не поврзаа децата, но од сето тоа се изнедри една навистина многу убава приказна, еден убав спој. Јас им бев учителка до петто одделение, но, ете, продолжуваме со ненаметната желба и секој се пронаоѓа себе си во периодот на Карневалот. Иницијалната искра остана да тлее и не држи постојано во форма, вели Цицимова.
Младите карневалистите маскирањето го запознаа кога беа првоодделенци со маската „Виножито“, па беа „Папагали“, „Пуканки“ „Струмички шпагети“, „Пчелин рај“ „Матадори“, лани со „Холандија на дланка“, а годинава со маска за која само откриваат дека е посветена на Шкотска и се надеваат дека и со неа ќе ја продолжат серијата успешни настапи.
- Нашата приказна тука не завршува, бидејќи јадрото заедно со учителката и родителите остануваат заедно. Тоа јадро сега прерасна во Здружение „Себап Мерит“ и на годинашниот карневал ќе настапиме како карневалска група и Карневалот пак ќе не спои, појаснува Цицимова.
Групата ќе настапи во категоријата на маски до 20 учесници. Маските во најголем дел се изработуваат рачно, односно, како што вели Цицимова, „треба раце и раце и многу време“.
- На Главната карневалска вечер ќе настапам со две маски. Сега имам нова генерација ученици и нивни родители ентузијасти и со моите ученици, кои се сега петто оддлеение во ООУ „Видое Подгорец“, за прв пат ќе излеземе на Големиот карневал и тоа со маска до 50 учесници. Досега учествувавме на Детскиот карневал, но сега сме пред голем предизвик и постои малку трема како малите ќе се снајдат во друштво на возрасните,бидејќи ова маска ќе биде карневал во карневалот и ја нарековме „Кројачи на соништа“, открива учителката Соња.
Од почетокот на второто полугодие ја подготвуваат маската и работата буквално е поделена по домовите на учениците. Додава дека кога ќе почне карневалската треска се заборава на маките и вложениот труд, но кога ќе заврши карневалот и се симнат маските, тогаш имаат чувство дека предкарневалската и карневалската атмосфера им фали.
- На секому од нас ни треба понекогаш да ставиме маска, оти и фустанот и костумот кои ги облекуваме се маска, а маската ја прави кројачот. Кројачки приказни се кога иглата, конецот и ножицата можат да направат да се биде некој друг, да се биде различен од себе. Значи, улогата на кројачите е тие да кројат соништа и тие сништа да се остварат, посочува Цицимова.
Минатиот викенд струмичките карневалистите со ланската маска „Холандија на дланка“ учествуваа на Карневалот во Херцег Нови (Црна Гора), што се одржува во рамки на Фестивалот на мимозата.
Инаку, годинава Струмичкиот карневал се одржува од 26 февруари до 5 март. Главниот настан, карневалското дефиле, се одржува вечер, а утре е традиционалниот Детски карневал по повод празникот „Прочка“.
Ристо Тасев
Фото: МИА и Струмички карневал