Младите реален центар на општествена иднина, како да се спречи нивното иселување
- Валентин Димитриоски е студент во прва година на прилепскиот Економски факултет. Вели дека државата сѐ уште не е доволно ангажирана за младите лица да посакаат да останат и овде, во својата з
Прилеп, 15 мај 2022 (МИА) - Валентин Димитриоски е студент во прва година на прилепскиот Економски факултет. Вели дека државата сѐ уште не е доволно ангажирана за младите лица да посакаат да останат и овде, во својата земја, да ја градат иднината.
Како млад човек, нагласува тој, би сакал да се насочам во нашата држава, но за тоа, и од една и од друга страна, треба да се остварат поволни услови.
- Сметам дека државата сѐ уште не е доволно ангажирана за младите лица, на одреден начин да направи поволни услови, особено во средното и во високото образование. Не се покажува доволно интерес за практичната работа, настава, туку е повеќе теоретска. Но и ние, ако имаме иницијатива, би се отвориле услови. Тие услови да бидат во мојата држава, за да не одам во странство, вели студентот Димитриоски.
Не е ништо ново кога ќе кажеме дека младите ни заминуваат и се иселуваат во други земји. Родителите, дури, да си признаеме, ги поттикнуваат. Тоа е долг процес, кој повеќе од две децении го поткопува кревкото општество. Статистичките показатели се сурови, одамна алармантни. Сите општини бележат намалување на населението во периодот од 20-тина години меѓу двата пописа. Поголемите општини во Пелагонискиот регион, во тој период, загубиле од населението по 10-тина проценти во Прилеп и Битола, од Ресен си заминале 15-тина и околу 16 проценти ерозија на населението се бележи во Крушево. Ако се додаде дека секој четврти млад човек е во ризикот на сиромаштија и е невработен, проблемот се усложнува.
Каде грешиме и што ќе направиме да го запреме „младинскиот егзодус“ од државава, посебно во локалните заедници
Андреј Стојкоски, претседател на Младинскиот сојуз од Крушево, а во Прилеп сѐ уште нема, иако се наѕираат иницијативи, вели дека младите речиси се исклучени од општеството. Ги нема во политичкото решавање стратегии, особено во локалната заедница, ги нема доволно социјално и економско ангажирани. И тука, статистиките се поразувачки. Ако во Европа вклученоста на младите во општественото одлучување е 81 проценти, во нашата држава е само 9,2 проценти. Законот за младинско учество и политики е „мртво слово на хартија“.
- Работиме на три индикатори: политичко, економско и социјално учество на младите. Политичкото учество се однесува на тоа колку младите се вклучени во одлучувачките процеси во локалната заедница, економското, на стапката на вработеност или невработеност на младите, а социјалното е кога зборуваме за младите кои се во ризикот на сиромаштијата и младите кои, практично, се социјално исклучени. Треба сите заедно да работиме: младите, институциите, заедницата, за да го зголемиме младинското учество во општината, објаснува Стојкоски.
Посочува дека уште не е имплементиран Законот за младинско учество и политики, што е многу важно, оценува, а секој четврти млад човек е или невработен или не е во образованието. Ова, истакнува Стојкоски, не може да го направиме ниту само со еден проект, ниту само како невладини, ниту само како општина, туку треба заедно да работат сите општествени чинители, заедно со локалните бизниси.
- Генерално, младите воопшто не се вклучени во процесот на донесување одлуки, ниту се прашани кога се носат локалните стратегии. Немаме локален младински совет, објаснува Стојкоски.
Весна Шапкоски, извршна директорка на невладината „Станица 5“, со аргуметни посочува дека има три фактори за социјалната невклученост на младите кои се соочуваат со сиромаштија. А сиромашни млади, креираат сиромашни семејства.
- Првиот фактор е недостигот на статистички податоци во однос на социјалните компоненти. Нашата држава и општината, во сите социјални аспекти немаат посебна статистика за младите. Недостигаат статистиките за вработеност, за образование, за социјалната и здравствената заштита. Вториот проблем е младинската сиромаштија, односно недостигот на зголемени превентивни механизми на младинската сиромаштија. Системските пречки практично ги оставаат младите без образование, како и без социјална, здравствена заштита, без услови за живот. Зашто сиромашните млади денес креираат сиромашни возрасни, потоа сиромашни семејства. И трето, кое е многу битно, е недостигот од институционална поддршка, особено на локално ниво. Како општина немаме центри за поддршка на младите во ризик. Недостигаат центри за ресоцијализација на младите кои биле во судир со законот, центри за рехабилитација на корисници на дроги, недостигаат младински центри каде во континуитет би се одржувале обуки како за важноста од формалното, но и од неформалното образование, па обуки за навремено препознавање на ризиците за сексуалното и репродуктивното здравје, користењето контрацепција и третирање ред други проблеми со кои младите, особено од маргинализираните заедници, се соочуваат, смета Шапкоски.
Иако го назначуваме трет по ред, но недвосмнислено е дека економскиот фактор е меѓу пресудните, ако не и клучен за потребата на младите да ја бараат среќата во „белиот свет“.
Универзитетскиот професор Димитар Николоски од Економскиот факултет во Прилеп, експерт за пазарот на трудот, е категоричен, не треба да се дозволи период на долгорочна невработеност на младите. Брзото дејствување во нивното вработување би го превенирало иселувањето. А социјалното претприемништво кое дава резултати, особено за ранливите категории, не е доволно искористено.
- Пазарот на трудот во Македонија укажува на тоа дека младите се соочуваат со повисоки стапки на невработеност, што генерално говори дека тие се ранлива категорија на пазарот на трудот. Неопходни се соодветни мерки. Има одредени кои ги презема Агенцијата за вработување, тука е т.н. гаранција за млади која ги таргетира младите кои не се ниту во образование, ниту во обука и тренинг, како и други алтернативни облици. Сепак, социјалното претприемништво кај нас не е доволно применето, а нуди голем број можности за вклучување на младите и другите ранливи категории на пазарот на трудот и во економските текови со што би се подобрил нивниот животен стандард. Треба да се обезбедат можности за нивно брзо вклучување на пазарот на трудот, нивна брза активација. Не треба да се дозволи тој период на долгорочна невработеност, кој негативно се одразува врз човечкиот капитал, доведува до ерозија, депресијација. Преку брзото вклучување на младите во пазарот на трудот би се превенирало нивното иселување. Создавањето добри можности овде, во земјава, е основата што може да биде превенција на високите стапки на миграцијата на младите, вели универзитетскиот професор Димитар Николоски.
Проблемот со иселувањето е детектиран во сите сфери. Најмногу во локалните заедници. Потребно е младите да ги има, не само декларативно, туку иницијативно присутни во општеството, да бидат реалниот фактор што учествува во одлучувањето, во пазарот на трудот, во социјалниот живот. Да не бидат само употребени во „клише“ пароли „Младите се нашата иднина“. Ако ги нема, со нив ќе замине и иднината.
Елизабета Митреска