• среда, 27 ноември 2024

Младите од Пијанец ја продолжуваат традицијата за Прочка

Младите од Пијанец ја продолжуваат традицијата за Прочка
Делчево, 26 февруари 2023 (МИА) - Младите од Пијанец се подготвени за традиционалното палење смрекови купови, познати и како „стреловишта" во чест на традицијата за празникот Прочка или Поклади. Како што истакнаа младите од Милково Брдо, палењето смрека е симболично и се практикува во речиси сите села и населби во Делчевско.
 
-Смреката ја спремаме речиси цела недела за да може да направиме еден поголем куп, кој на средина има поголем колец, кој ја држи смреката. Високиот куп се прави за да оганот трае подолго. Потоа истиот се прескокнува со зборовите „на ти дедо гламната, да ми дадеш момата", со тоа се посакува среќа да се освои омилената девојка во годината која претстои, велат делчевските млади.
 
Овој обичај на некој начин претставува натпревар кој ќе има најголем куп, па така деновиве најактивни беа младите од населбите Милково Брдо, Расадник, Први и Втори Реон, Ѕвегорска река и поголемите села во Делчевско.
 
Покрај овој адет, на повеќето места заедно со чашка ракија се служат домашно приготвени баници, варени јајца и други јадења карактеристични за Прочка.
 
Во домовите на постарите во текот на неделата помладите одат кај кумовите, барајки прошка за сторените грешки, кои им простуваат со зборовите „Простено нека ви е и од нас и од Бога".
 
За овој обичај во Пијанечко пред 20 години е изготвен документарен филм во кој народниот уметник Димитар Узунски кој почина минатата година во детали ги има опишано адетите кои во Пијанец се практикуваат за овој празник.вс/бт/

Остани поврзан