• вторник, 12 ноември 2024

Младите и пазарот на труд, големи барања и очекувања и од двете страни

Младите и пазарот на труд, големи барања и очекувања и од двете страни
Скопје, 20 август 2022 (МИА) - Стопанството има недостиг од квалификуван кадар, а младите при вработување исто така имаат големи барања и очекувања, иако го немаат искуството кое им треба на фирмите. За нивно вклучување на пазарот трудот со години наназад се промовираат проекти, се доделуваат грантови, се спроведуваат обуки, се изработуваат политики од надлежните институции, но, како постојан најголем проблем се посочува неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите. Нов предизвик е и тоа, што, според анализите на невладините организации и бизнис секторот, младите сакаат флексибилно работно време, повисоки финансиски примања, можности за работа од далечина - онлајн работа и за ориентираност кон резултати наспроти формални правила. За нив се поатрактивен е ИТ секторот, но не и работните места како механичари, заварувачи, пекари, занимања на кои треба да им се врати дигнитетот бидејќи нудат и слободни и добро платени работни места. Од Агенцијата за млади и спорт за МИА велат дека во Националната стратегија за млади има посебна приоритетна област за вработување и поддршка пред вработување. Финансираат и проекти на младинските организации кои работат на оваа проблематика. Меѓу активностите за поттикнување на младите да се вклучат на пазарот на труд го издвојуваат и проектот што го реализираат со коморите за основање сопствени бизниси.   - Агенцијата за млади и спорт го реализира проектот за Претприемништво во соработка со коморите. При реализација на проектот доделуваме 7000 евра за отпочнување и реализација на бизнис план аплициран до нас од страна на млад човек на возраст до 25 години, кој се пријавувана јавен повик објавен од страна на Агенција за млади и спорт,  велат од Агенцијата за млади и спорт за МИА. Поатрактивен ИТ секторот, стручните професии занемарени Според Методија Стојчевски од Младински сојуз - Крушево, најголем проблем е тоа што недоволно се ценат секојдневните обични професии,како што се механичари, заварувачи, пекари, ...и на нив треба да им се врати дигнитетот бидејќи има потреба на пазарот на труд. - Младите луѓе полесно се определуваат за некоја друга професија макар и помалку платена наспроти тие професии што се во моментот се добро платени меѓутоа немаат таков општествен статус на некои влијателни позиции во општеството. Треба да се врати дигнитетот на тие мали професии. Бараат флексибилно работно време, услови за онлајн работа, повисоки финансиски примања,  изјави Стојчевски за МИА. Дека за младите е се повеќе атрактивен ИТ секторот, а стручните професии се позанемарени укажува и Стефан Поп Ацев дел од „Тим 40“ при Стопанската комора на Северна Македонија. Треба, како што вели, малку повеќе да се вложи во укажувањето дека и стручните професии се достојни за работа. -  Не е само финансискиот дел,  тука и тоа што тие професии не треба да бидат толку деградирани во споредба со ИТ. Многу млади мораат да придонесуваат во семејството. Парите се во самите стручни професии, бидејќи ги нема како кадар, тие се барани и таму има пари.Проблемот е интересот на младите да работат, бидејќи ако се каже дека работи некој занает автоматски се деградира во општеството, оти не е на некаква позиција, вели Поп Ацев. Неусогласеност меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите Според Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци,  образовниот систем е еден од најголемите проблеми за вклучување на младите на пазарот на труд. - Без разлика дали завршуваат само средно образование или факултет, македонскиот образовен систем не продуцира кадри со знаење и вештини потребни да се ставаат на работното место. Ова прави проблем за работодавачите кои треба да инвестираат во обука на кадарот и треба да ги учат, а веќе доаѓаат со некаква диплома што треба тоа да го гарантира и затоа е потребна реформа и на средното образование, меѓутоа и на факултетското образование. Во стручните училишта одат за да се остручат за некаква професија и затоа треба поголема вклученост на пазарот на труд на работодавачите. Во новата концепција во која што учествуваше Сојузот, ова се промовира и во самата стручна матура, меѓутоа упатувам јавен апел да се работи на нејзина имплементација, а не да биде само документ што ќе стои во фиока, порача Павиќевиќ. Треба, посочи тој, активно да се работим на вклучување на работодавачите во стручното образование за, како што рече, да можеме да им помогнеме и на нив да добијат идеја колку се стручни и оспособени нашите млади, но и да им помогнеме на младите полесно да најдат работно место преку таа пракса, бидејќи веќе ќе имаат некаква мрежа и контакти со работодавачите. Деспина Жупан од Сојузот на стопански комори, пак, забалежува дека најголем проблем е што младите имаат многу поголеми очекувања од тоа што компаниите можат да им го овозможат на почеток, а со нивната едукација и доаѓањето на работно место веднаш по завршување факултет, не се подготвени веднаш да ја извршат работата, па компаниите мораат да ги дообучуваат, за да може да функционира тој работник. - Треба да се работи на тоа како да се заштитат компаниите, бидејќи како компанија инвестираме во тие вработени да бидат едуцирани, па дали тие вработени ќе останат, дали треба некаква законска регулатива да се промени и како да се заштити приватниот сектор. Од друга страна, сите би сакале тоа да им го дадеме на вработените, сепак не сме сигурни дека ќе останат тие во нашите компании. Прашање е тоа што го добиваме од вработените во моментот можеби не одговара на тоа што може да се плати. Тука доаѓаме до проблемот ние сакаме сето тоа да го извршиме но прашањето е како и на каков начин, рече Жупан. Администрацијата и работа од дома за странски компании се најпреферирани работни места кај младите Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) потенцира дека дефинитивно се гледа трендот дека младите сакаат да работат во странство. - Тоа го покажуваат сите релевантни истражувања, да работат од дома за меѓународни компании и институции затоа што им даваат пофлексибилни студии и услови и многу често поголеми плати и најважно сакаат да работат во македонските компании, институции и компании, но очекуваат многу поразличен третман од оној што го нарекуваме 8 до 16, вели Кордалов. Како што истакнува Павиќевиќ, не само младите, туку сите имаат голем интерес за вработување во јавната администрација. - Меѓутоа, мое мислење е дека таа е преголема и треба да се направи ресистематизација, односно јавната администрација да биде намалена и да биде ефективна. Не гледам на еден долгорочен рок ако сакаме да бидеме успешна држава треба да се работи на засилување на приватниот сектор, односно да ги охрабруваме младите да се вработуваат на приватно, вели тој. Заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава, Џефри Голдштајн, во осврт на податоците од последниот Попис во државата што се реализираше во 2021 година, го потенцираше податокот дека денес има 230 000 помалку луѓе под 25 години во државава од пред две децении. За да престане одливот на човечкиот капитал порачува дека треба да се работи на подобрување на квалитетот на живот за младите и зголемување на нивната доверба во институциите. – Пред пандемијата, кога имав почеста можност да се среќавам со млади луѓе, јас обично ги прашував каде мислат дека ќе живеат за 10 години. Големо мнозинство одговори „во странство”. Има различни причини за тоа, но последиците се исти: намалување на човечкиот капитал на Северна Македонија, денес и во иднина. Веруваме дека добра стратегија ќе обезбеди можности во подобрувањето на квалитетот на живот на младите во Северна Македонија во градењето на дијалог и зголемување на довербата на младите во институциите, изјави Голдштајн. Според податоците од минатогодишниот Попис на населението, во земјава се невработени 13,92 проценти од младите лица на возраст до 29 години, од кои 7,46 отсто машки, а 6,46 отсто се женски. Од активнотото население до 29 години, со основно образование се седум проценти, со средно 14 проценти, а со високо 27,02 проценти. Околу една третина од невработените со средно образование се на возраст меѓу 20 и 29 години. Фатиме Фазлији Фото: Фросина Насковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан