• сабота, 23 ноември 2024

,,Младите дома" - иницијатива за задржување на младите во Делчево

,,Младите дома
Делчево, 19 јуни 2021 (МИА) - Преку создавање кариерни можности во општина Делчево да се задржат младите дома. Ова е целта на новоформираната иницијатива „Младите дома” чиј имплементатор Катерина Антовски информира дека има за цел да ја подигне свеста на реалните креатори на политики, особено на младинските, за важноста од задржувањето на младите да останат во Делчево.
-Проблемот со кој се соочува општина Делчево години наназад, е иселувањето на младите луѓе. Овој проблем го одбрав затоа што и јас сум една од тие млади кои го напуштија родното место, барајќи подобра перспектива за себеси. Главната цел на оваа иницијатива ќе биде креаторите на политики да бидат свесни и да програмираат политики кои ќе ги спојат младите луѓе со бизнис секторот, на тој начин што тие две страни ќе си бидат поддршка и силни партнери во развивање на подобра економска и кариерна клима во Делчево. Со тоа сметам дека ќе се придонесе за поголем развој на општината и секако, задржување на младото работоспособно население, вели Антовска.
Во таа насока од огромна важност, според имплементаторот, е создавањето кариерен центар за вкрстување на младинските желби и потреби со потребите на бизнис секторот.
-На тој начин што кариерните центри ќе имаат задача да пронајдат бизнисмени, односно претприемачи од областите кои ги има во општината кои ќе помогнат во создавањето на млади кадри кои во иднина би работеле во нивните бизниси. Тоа би се случило преку евентуално стипендирање на високото образование на младите луѓе, кои пак по завршувањето ќе бидат обврзани да се вратат назад во општината и своето знаење да го употребат во компанијата која го стипендирала нивното образование, децидна е Антовска.
Кариерниот центар, според Антовска, ќе ги поврзе сопствениците на бизниси и младите кадри на општината преку програма за меѓусебна поддршка со долгорочен план и стратегија за нивна соработка, анализа на пазарот на трудот, како и конкретни заложби од сите засегнати страни за изнаоѓање соодветни и одржливи решенија.
Иницијатива во рамки на своите активности во понатамошната фаза вклучува вмрежување на засегнатите страни, со цел да се случи нивна долгорочна соработка.
-Таа соработка би се реализирала преку создавање на квалитетен и темелен документ за јавна политика. Со создавањето на овој документ сметам дека ќе се созаде концепт за кариерен центар во општина Делчево, со цел да бидеме на чекор до зачувување на надеж за подобра иднина во општината, додава Антовска.
За имплементаторот, ако актовностите придонесат најмалку еден млад човек, за неколку години од сега се врати или остане да живее во Делчево, тоа ќе го смета за голем личен успех и успех на тимот со кој ќе ја спроведе иницијативата „Младите дома". вс/сст/

Остани поврзан