Младите Германци се приклонуваат кон десницата
- Во денеска претставените резултати од студијата „Младите во Германија 2024“ се наведува дела младите луѓе се незадоволни од ситуацијата во земјата и сè почесто избираат екстремни партии како што е Алтернатива за Германија (АфД)
Берлин, 23 април 2024 (МИА) – Во денеска претставените резултати од студијата „Младите во Германија 2024“ се наведува дела младите луѓе се незадоволни од ситуацијата во земјата и сè почесто избираат екстремни партии како што е Алтернатива за Германија (АфД).
Во моментов, 22 отсто од младите на возраст меѓу 14 и 29 години би ја избрале АфД, што е двојно повеќе од пред две години.
Во исто време, 18 проценти од младите би ги избрале Зелените, што е драстичен пад во споредба со последната студија, кога 27 отсто од анкетираните ги избрале Зелените. Лоши резултати имаат и другите две партии од владејачката коалиција, социјалдемократите со 12 проценти и либералите со осум отсто. Додека 20 проценти од младите би гласале за Демохристијанската унија ЦДУ/ЦСУ.
- Забележуваме значително поместување надесно кај младите гласачи, наведе еден од авторите на студијата Клаус Хурелман.
Во однос на процената на сопствената финансиска состојба, личната перспектива и професионалните можности, младите реагираат малку попозитивно односно изразуваат одредено задоволство, но состојбата се влошила кога станува збор за нивното мислење за економскиот развој и општествените односи, бидејќи младата генерација во 2022 и 2023 година беше прилично незадоволна од економскиот развој, социјалната кохезија и политичките услови.
Младите како најголеми проблеми ги посочиле поделеноста на општеството, но и инфлацијата и драстичното зголемување на кириите.
Студијата покажува и голем пад на расположението за прифаќање на нови бегалци односно само 26 отсто одговориле позитивно, додека нивниот процент во 2019 година изнесувал 57.
Авторите на тековната студија забележуваат особено зголемување на незадоволството од социјалните услови по пандемијата со Ковид-19.
- Се чини дека пандемијата остави длабока трага кога станува збор за довербата на младите во иднината, се посочува во студијата. ми/
фото: МИА архива