• сабота, 28 декември 2024

Младинската организација Центар за интеркултурен дијалог одбележа 18 години од постоењето

Младинската организација Центар за интеркултурен дијалог одбележа 18 години од постоењето

Куманово, 5 јуни 2024 (МИА) - Центарот за интеркултурен дијалог денеска одбележа осумнаесет години од постоењето.

ЦИД, како што наведуваат, низ години успеа да влијае значително за креирање на младинските политики во државата.

- Важно е да се спомене дека сме најголема младинска организација во државата која не е од Скопје. За нас, најуспешната работа која успеваме е да што лобиравме за донесување на законот за младински политики, да се знае што е млад човек, кои се сервиси за млади, што е младински центар, што е локален младински совет … Верувам дека не само активностите, туку и политиките кои успеавме да ги излобираме кај битните чинители во државата и да придонесеме за развој на младинските прашања, изјави извршниот директор на ЦИД Нами Исаки.

ЦИД прерасна во сериозна организација со безброј успешни проекти, лобирања, од иницијатива на млади ентузијасти во тогашно „Интермецо“ и денеска прославува 18 години. Организацијата стана важен сегмент во државата при креирањето на младинските политики. Во моментот има 18 вработени, над 20 активни проекти и четири канцеларии три во Куманово и една во Липково. Наскоро Центарот за интеркултурен дијалог ќе го користи дел од просторот на кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Просторот порано го користеа кафе барови, слаткарници. ЦИД планира да го доуреди и да го користат младите од регионот. Просториите на ЦИД секојдневно се посетени од стотици млади од мултиетничка средина какво што е Куманово. Во „Мулти култи“ поминуваат и до 500 млади.

- Верувам дека ќе се зголеми бројката на активни млади кои ќе го користат дел од просторот Центар за култура. Загрижува иселувањето на младите и се надевам дека со одредени активности може да се придонесе да се спречи одливот, доколку работиме заедно. ЦИД работи на национално ниво и на глобално ниво, преку проекти во Европа и светот, изјави Исаки.

Дел од претходните членови се успешни млади луѓе кои креираа успешни проекти во државата и во светот. Токму промената на генерациите, сметаат од ЦИД, внесува нова енергија, нови идеи и придонесува за развој и раст на организацијата.

- Важно е да се спомене дека од четири до шест години се менува структурата на генерации што носи нови идеи, организацијата постојано се движи напред и расте. Имаме претставници кои сега се во Мисија на ОБСЕ, Совет на Европа, еден од поранешните директори, Милош Ристевски е генерален секретар на најголемото претставничко тело на млади во светот, изјави Исаки.

Можностите се неограничени за секој млад човек, велат од ЦИД. Постарите членови се сеќаваат колку беше тешко да се организираат младински размени во одредени периоди. Сега ЦИД е домаќин на млади од Европа и светот.

- Порано беше различно, младите немаа можност да се дружат и да посетат европски земји. ЦИД помага да се крене свеста за младинските размени, преку тренинг, обука, младите го видоа како добар пример тоа. ЦИД е оној кој собира млади од Европа. Само во овие месеци ние ќе организираме три различни настани, во различни градови од државите, поради недостиг на хотелски капацитети во Куманово, ќе се одржуваат во други градови. Ги охрабруваме бизнисмените да размислат за хотелски капацитети во Куманово, порача Исаки. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан